Папата до Ромите и Синтите: Работата и молитвата се сили што ги рушат ѕидовите на недовербата и стравот

Папата до Ромите и Синтите: Работата и молитвата се сили што ги рушат ѕидовите на недовербата и стравот

Папата Лав XIV ги прими учесниците на Јубилејот на Ромите, Синтите и Патниците, собрани во салата „Павле VI“ во Ватикан. Светиот Отец ги охрабри да бидат протагонисти на епохалната промена што се одвива во светот, запознавајќи ги другите со убавината на нивната култура и споделувајќи вера, молитва и лебот на чесната работа. Во топол и непосреден дух, одговори на неколку прашања и ги повика да бидат градители на мирот, истакнувајќи: „Тоа не е сон — тоа е можно“.

На 18 октомври, папата Лав XIV ги поздрави присутните со зборовите: „О Дел си туменса!“ – Господ нека биде со вас!

Тој посочи дека тие дошле во Рим како поклоници на надежта, од цела Европа и надвор од неа, носејќи со себе дар на силна вера, непоколеблива надеж во Бога и доверба што не се предава пред тешкотиите на животот, кои често ги оставаат на општествените маргини.

Папата потсети дека овој Јубилеј се одржува шеесет години по историската средба на светиот Павле VI со ромските заедници во Помеција, на 26 септември 1965 година. Во изминатите децении, рече тој, неговите претходници ги пречекувале членовите на ромските заедници „како знак на жив дијалог и посебна пасторална грижа за вас, сакан дел од Божјиот народ“.

„Бог Отецот ве сака и ве благословува, а Црквата ве љуби и ве прифаќа,“ рече Папата. „Бидете живи сведоци на овие три вистини: верувајте само во Бога, не се врзувајте за земни добра и покажувајте ја својата вера преку дела и зборови. Тоа се учи со прифаќање на Божјиот благослов и дозволувајќи Му да го преобрази нашето срце.“

Папата нагласи дека т.н. „напредни општества“ со векови ги маргинализирале Ромите, лишувајќи ги од права, образование и култура. „Токму таквите модели на исклучување,“ рече тој, „се оние што создадоа најголеми социјални неправди во минатиот век – огромна економска нееднаквост, финансиски кризи, еколошки катастрофи и војни.“

Потсетувајќи на зборовите на папата Бенедикт XVI, кој во 2011 година рече дека Ромите се „народ кој никогаш не живеел националистички идеологии, кој не се стремел да владее над други народи“, Лав XIV ги охрабри да ја откријат спасоносната убавина на својата култура и патувачки живот.

Потоа се наврати на зборовите на папата Фрањо во Романија (2019): „Ве молам, не бидете огорчени, туку одете напред со достоинство: достоинство на семејството, на трудот, на секојдневниот леб што чесно се заработува и достоинство на молитвата. Работата и молитвата се вашата сила, тие ги рушат ѕидовите на недовербата и стравот.“

На крајот, Папата изрази благодарност до Дикастеријата за интегрален човечки развој и Фондацијата „Мигрантес“ за организацијата на овој јубилеј. Тој ги повика пасторалните работници меѓу Ромите да продолжат со обновена енергија во насока на образование, стручно оспособување, грижа за семејството, инкултурација на литургијата и катехезата, како и зајакнување на меѓурелигискиот дијалог.

„Посакувам секоја епархија,“ рече Светиот Отец, „да развие соодветна пасторална грижа за заедниците Роми, Синти и Патници, за да се поттикне вистински интегрален човечки развој. Драги браќа и сестри, Јубилејното ходочестие нека ве зајакне во верата и надежта, и нека ве охрабри храбро да одите по патот на Евангелието. Нека ве чува Пресветата Дева Марија, а мојот благослов нека ве придружува!“

По говорот, Папата одговори на неколку прашања од деца и млади, завршувајќи ја средбата во дух на радост и надеж.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот