Папата до Мисионерските облати на Марија Безгрешна и Сестрите на Пресвета Богородица на Апостолите: Бидете одраз на Божјата љубов во светот
Папата Лав XIV ги охрабри Мисионерските облати на Марија Безгрешна и Сестрите на Пресвета Богородица на Апостолите да ја продолжат својата мисија во тешките региони низ светот и меѓу оние на кои им е најпотребно.
Во обраќање до две монашки заедници, папата Лав XIV ги охрабри да ги продолжат своите мисии во тешките подрачја на светот и меѓу најсиромашните, повикувајќи ги да негуваат семеен дух во своите заедници.
„За посветените мажи и жени, како и за навистина посветените христијани мирјани“, рече Папата, овој семеен дух „произлегува пред сè од нивната средба со Бог, од Евхаристијата, од молитвата, од обожавањето, од слушањето на Словото и од славењето на Светите Тајни“, во обраќањето до Мисионерските облати на Марија Безгрешна и Сестрите на Пресвета Богородица на Апостолите во сабота, 21 февруари 2026 година.
„Оттаму, од олтарот и од табернакулот“, продолжи тој, „овој дух расте во нашите срца, исполнувајќи ги со чувства на заедништво и љубов, на грижливост и трпелива близина, кои секогаш треба да нè одликуваат и кои нè прават одраз на Божјата љубов во светот.“
Папата се сретна со двете групи во Ватикан по повод 200-годишнината од Папското одобрување на Правилата и Уставите на Мисионерските облати на Марија Безгрешна и 150-годишнината од основањето на Сестрите на Пресвета Богородица на Апостолите.
Папата истакна дека, иако историјата на двете заедници е различна, тие имаат повеќе заеднички точки, меѓу кои периодот на нивното основање, фактот дека и двете потекнуваат од Франција и, „пред сè, мисионерскиот повик“.
Претпочитана отвореност кон најмалите меѓу нас
Обраќајќи им се најнапред на Мисионерските облати на Марија Безгрешна, Папата нагласи дека основачот на заедницата, францускиот епископ свети Ежен де Мазенод, решил да се насочи кон евангелизација на оние на кои им е најпотребно, „во време кога Европа беше потресена од сложени и драматични настани, кои ја засилија итноста за навестување на Евангелието“.
„Тој гласно зборуваше и дејствуваше во одбрана на достоинството на сиромашните, работниците и селаните, кои беа искористувани како обичен извор на труд, а нивните најдлабоки човечки потреби беа занемарени“, продолжи Папата.
Тој додаде дека свети Ежен де Мазенод испратил монаси во Канада, Европа, Африка и Азија, што резултирало со „импресивен процут на мисионерски повици“.
И денес, со повеќе од 3.000 монаси присутни во 70 земји, „вие продолжувате да ја извршувате својата служба со истата претпочитана отвореност кон најмалите меѓу нас, збогатени од драгоцениот дар на проширено харизматско семејство и од зголемено почитување на поединечните култури“, истакна Папата.
„Вие ја прифаќате оваа виталност како дар и како знак што ве поттикнува да го зачувате и да го обновувате духот на вашите почетоци.“
Продолжете ја мисијата на тешки места, бидете сведоци на мирот
Потоа, обраќајќи им се на Сестрите на Пресвета Богородица на Апостолите, кои бројат повеќе од 600 сестри распоредени во 21 земја, Папата потсети дека основачот, францускиот свештеник Огистен Планк, ги избрал зборовите од свети Лука во Делата на Апостолите, „Со Марија, Мајката на Исус“, како мото на заедницата.
Со овој стих, кој потсетува на присутноста на Пресвета Богородица меѓу Апостолите, во Горната одаја и во првата христијанска заедница, „тој ја основа вашата заедница за да обезбеди неопходно присуство на жените во делото на Друштвото на африканските мисии“, објасни Папата.
Тој нагласи дека многу жени од Франција и од други земји одговориле на овој повик да бидат со и како Марија и да сведочат за Христос. „За многу од нив, тоа ‘да’ ги чинеше нивните животи, поради суровоста на мисионерската работа, изложеноста на болести и, во поново време, мачеништво“, рече Папата.
„И сега, вие сте присутни во тешки ситуации, каде што ја нудите вашата служба со вера и со почит кон сите“, забележа тој, охрабрувајќи ги „да ја продолжат оваа мисија, каде и да служат, станувајќи сè поавтентични сведоци на братство и мир.“
Ватикан њуз/к.мк

