Папата Лав XIV прими на аудиенција околу сто млади политички лидери од целиот свет кои учествуваат на собирот „Едно човештво, една планета“: Само оние на кои им е грижа за најмалите можат да прават навистина големи дела. Тој ги повика да ги проучуваат формите на учество што ги вклучуваат сите граѓани, мажи и жени, во институционалниот живот на државите.
Нема да има мир сè додека не заврши војната што човештвото ја води против себе, кога ќе ги отфрли слабите, кога ќе ги исклучи сиромашните, кога ќе остане рамнодушен кон бегалците и угнетените. Само оние на кои им е грижа за најмалите можат да прават навистина големи дела. Со овие зборови, папата Лав XIV им се обрати на околу сто млади политички лидери од сите континенти, учесници на собирот „Едно човештво, една планета“, кои ги прими на аудиенција во сабота, 31 јануари 2026 година, во Апостолската палата во Ватикан. Вашата работа, нагласи Папата, наоѓа највисок израз кога работи за човештво помирено во правдата.
Светиот Отец ги потсети учесниците на оваа двегодишна програма која ги обучува за политичко дејствување дека се обединети во својата политичка посветеност на општото добро и дека различните нации, култури и религии на кои им припаѓаат не се причина за соперништво, туку за соработка и раст во синодален стил. Затоа додаде:
Како форма на заедништво што нè поврзува, синодалноста нè учи да бидеме внимателни кон мислењето на оние околу нас, а не само кон она што самите го набљудуваме, практикувајќи формирање холистички визии кои ја почитуваат сложеноста без да запаѓаат во забуна и барајќи ја вистината без страв од дијалог.
Промовирање на мирот почнувајќи од местата каде што работиме
Римскиот епископ им се заблагодари на младите луѓе вклучени во политичкиот и општествениот живот на нивните земји за иницијативи како што е проектот „Четири соништа“ на Папската комисија за Латинска Америка, кој беше започнат на барање на папата Фрањо, кој во својата Апостолски потттик Querida Amazonia повика заедно да ги негуваме црковните, еколошките, социјалните и културните соништа. Грижата за овие области, истакна Папата, го заслужува најдоброто од нашите сили, особено во време рането од бројни неправди, насилство и војна. Да се биде лидер ви носи уште поголема одговорност да работите за мир, не само меѓу народите, туку и таму каде што живеете, учите и работите секој ден – рече Петровиот наследник, додавајќи:
Ако не промовираме хармонија на универзитетот или во канцеларијата, меѓу партиите и здруженијата, како ќе можеме да ја негуваме во земјата или меѓу континентите? Со чисти срца и бистри умови, секогаш барајте го овој мир како дар, завет и ветување.
Мирот како дар, завет и ветување
Папата Лав XIV уште еднаш нагласи дека мирот е пред сè дар бидејќи го добиваме од оние што ни претходеле во историјата: тоа е добро за кое треба да бидеме благодарни. Понатаму, тоа е завет што нè обврзува да работиме заедно, да го зачуваме кога постои и да го постигнеме кога го нема. На крајот, мирот е ветување бидејќи ја поддржува нашата надеж за подобар свет и, како таков, го бараат сите луѓе со добра волја – нагласи Светиот Отец.
Форми на учество што ги вклучуваат сите граѓани
Потсетувајќи на незаменливата општествена улога на политиката, Римскиот епископ ги охрабри младите лидери уште повеќе да соработуваат во проучувањето на формите на учество што ги вклучуваат сите граѓани, мажи и жени, во институционалниот живот на државите. Притоа, тој истакна:
Врз овие темели ќе биде можно да се изгради тоа универзално братство кое веќе е очигледно меѓу вас младите како знак на новите времиња: вашата работа, всушност, го наоѓа својот највисок израз кога работи за човештвото помирено во правдата.
Нема мир ако ги исклучиме сиромашните
Петровиот наследник предупреди дека вистинскиот мир не е можен ако човештвото ги отфрла слабите, ги исклучува сиромашните или останува рамнодушен кон бегалците и угнетените, бидејќи само оние на кои им е грижа за најмалите можат да прават навистина големи дела. Тој исто така потсети дека Мајка Тереза од Калкута, светица на најсиромашните и добитничка на Нобеловата награда за мир, истакнува дека најголемиот уништувач на мирот е абортусот. Затоа Папата додаде:
Нејзиниот глас останува пророчки: ниедна политика, всушност, не може да им служи на народите ако ги исклучува од животот оние кои допрва треба да дојдат на светот, ако не им помага на оние кои се во материјална и духовна беда.
Едно човештво, една планета, еден добар Бог Создател
Папата Лав XIV заврши осврнувајќи се на важноста на сите религии да работат за универзално братство. Затоа предложи насловот на состанокот, „Едно човештво, една планета“, да се дополни со „Еден Бог“:
Препознавајќи го во него добриот Создател, нашите религии нè повикуваат да придонесуваме за општествениот напредок, секогаш барајќи го општото добро чии темели се правдата и мирот.
Ватикан њуз/к.мк
https://www.vaticannews.va/hr/papa/news/2026-01/papa-lav-audijencija-skup-one-humanity-planet-politicari-mladi.html

