Папата до младите во Сингапур: Бидете храбри, излезете од вашата „комфорна зона“

Папата до младите во Сингапур: Бидете храбри, излезете од вашата „комфорна зона“

Последниот настан од 45-тото апостолско патување на Папата беше меѓурелигиската средба со младите во Сингапур, на која што тој ги охрабри да работат на единството, да бидат одговорни граѓани и да го пренесат она што го научиле на идните генерации.

Собрани во католичко училиште во Сингапур, на средбата со Светиот Отец учествуваа околу 600 млади луѓе од 50 различни училишта, меѓурелигиски и верски организации. На средбата младите дадоа „Завет на идните генерации да работат за единството и надежта“. По говорот на Папата и пред молитвата во тишина, тие се обврзаа дека ќе бидат „светилници на единството и надежта“ и ќе промовираат соработка и пријателство кои негуваат хармоничен соживот меѓу луѓето со различни верувања.

Млад хиндуист, сики и католик ги споделија своите сведоштва, а Папата ги охрабри на нивниот личен пат на верата, но исто така ги повика да одат заеднички кон општото добро.

Во своето спонтано обраќање до младите, Папата ги повика да ги остават своите „комфорни зони“ и да имаат храброст да одат напред и да понудат конструктивни критики. Ако знаат како млади луѓе да имаат дијалог, ќе знаат да го прават тоа и како возрасни, како граѓани. Тој, исто така, истакна дека низ историјата диктатурите прво го одземале дијалогот.

Понатаму, тој ги охрабри да преземаат ризици и да бидат вклучени во светот. „Не плашете се“, рече Папата, додавајќи дека стравот е диктаторски став што „може да парализира“. Тој се осврна и на тоа како младите луѓе, како и сите останати, неизбежно ќе погрешат, но она што е поважно е да знаете како да го препознаете тоа и да започнете од почеток. (…)

Папата во својот говор ги пофали и младите и нивниот меѓурелигиски дијалог и истакна дека „сите религии се пат до Бога“. „Тие се како различни јазици, различни идиоми, за да се стигне до таму. Но Бог е Бог за сите“. Токму поради тоа, тој нагласи „сите сме Божји деца“.

Во своето обраќање тој се осврна и на технологијата и социјалните мрежи за кои се зборуваше во сведоштвата на младите. Папата рече дека тоа се корисни алатки, но ги предупреди младите да не стануваат нивни робови.

На крајот, Папата ги покани насобраните да му се придружат во заедничката молитва еден за друг. Го замоли Бог да ги благослови сите собрани, а младите ги охрабри кога ќе бидат стари, баби и дедовци, да им го пренесат на децата тоа што на тој ден го спомнаа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот