Папата до катехумените и неофитите: Со крштавањето се облекувате во Христа

Папата до катехумените и неофитите: Со крштавањето се облекувате во Христа

Папата Лав XIV ги потсети младите катехумени и неофити дека човек не се раѓа како христијанин, туку станува христијанин преку Светата Тајна Крштавање, преку која се облекува во Христа.

Папата Лав им се обрати на група млади француски катехумени и неофити (ново крстени) во понеделник наутро, 28 јули 2025 година, по повод Јубилејот на младите, истакнувајќи го нивниот пат на верата и присуството на епископите, капеланите и катехистите кои ги придружуваа на тој пат.

Пат на лично запознавање

Пораката на Светиот Отец беше насочена кон личната средба, која претставува срж на христијанското воведување во верата. „Секој од вас“, рече тој, „остварува лична средба со Господ во заедницата која ве пречекува“. Крштавањето го опиша не само како обред, туку како почеток на животна заедница со живиот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух.

„Голема е радоста да се видат млади кои се предаваат на верата и кои сакаат да му дадат смисла на својот живот дозволувајќи му на Христос и Неговото Евангелие да ги водат!“, продолжи тој. Крштавањето, рече, прави од човек „полноправен член на големото Божјо семејство“.

Цитирајќи го Посланието на Светиот апостол Павле до Галатјаните, Папата ги потсети младите на достоинството кое сега го носат: „Сите вие кои се крстивте во Христа, во Христа се облековте“. Крштавањето, продолжи тој, ги повикува христијаните да го напуштат духот на доминантната „култура на смртта“. Светлината на воскреснатиот Христос е, како што рече, пламен доверен на секој верник – пламен што треба да се одржува преку Божјото Слово и Евхаристијата.

Светлината што останува запалена

Папата Лав потоа посочи на еден особено силен момент од обредот на Светото Крштавање: „Имено, кога ја примаме свеќата запалена од Пасхалната свеќа. Тоа е светлината на умрениот и воскреснат Христос, која се обврзуваме да ја одржуваме жива, негувајќи ја преку слушање на Божјото Слово и преку редовно причестување со Исус во Евхаристијата.“

Цитирајќи го Свети Амврозиј: „Omnia Christus est nobis!“ – Папата рече: „Христос е сѐ за нас! Ако сакаш да излекуваш рана – Тој е лекарот… ако се наоѓаш во темнина – Тој е светлината… Вкусете и видете колку е благ Господ: блажен е човекот што се надева во Него!“

Вие сте солта и светлината

„И вие сте солта на земјата и светлината на светот“, рече Папата. „Црквата има потреба од вашето прекрасно сведоштво на верата.“

На крајот од своето обраќање, Папата Лав ги охрабри присутните млади да останат поврзани со Исус, потсетувајќи ги дека „човек не се раѓа како христијанин; станува христијанин кога ќе биде допрен од Божјата благодат“.

И во тешки времиња, заклучи тој, „ срцата нека ви бидат утврдени во Оној што е Патот, Вистината и Животот – изворот на секој мир, радост и љубов.“

„Ви благодарам и среќен јубилеј“, заврши Папата.

Ватикан њу/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот