Мирот, правдата и вистината се три вредности кои се во срцето на посланието на Црквата и дипломатијата на Светиот Престол. Ова го изјави папата Лав XIV за време на аудиенција со дипломатскиот кор акредитиран во Светиот Престол.
На почетокот на средбата со дипломатите, која се одржа на 16 мај 2025 година во салата Клементина во Апостолската палата во Ватикан, Светиот Отец се заблагодари за бројните честитки за неговиот избор и сочувствата за смртта на папата Фрањо, испратени дури и од земји со кои Светиот Престол нема дипломатски односи.
Папата нагласи дека во својата дипломатска активност Црквата не бара привилегии, туку се стреми да му служи на човештвото, борејќи се против рамнодушноста, апелирајќи до совеста на луѓето и одговарајќи на предизвиците на нашето време – од сиромаштија до вештачка интелигенција.
Лав XIV го нарече присуството на дипломатите дар што му овозможил да го прегрне „секој народ и секој жител на земјата кој копнее по вистина, правда и мир“. Тој изрази надеж за лични посети на разни земји за „зајакнување на верата на многу браќа и сестри низ целиот свет и градење мостови со сите луѓе со добра волја“.
Мирот започнува во срцето
Папата посочи на три клучни вредности кои ја формираат основата на посланието на Црквата и дипломатијата на Апостолскиот Престол. Првата од нив е мирот, кој не е едноставно отсуство на војна, туку првиот Христов дар. Папата истакна дека ова е активен дар кој бара напори од секого, почнувајќи со работа на сопственото срце. „Мирот се гради во срцето и започнува од срцето – со искоренување на гордоста и огорченоста, преку воздржаност во зборовите, бидејќи може да се ранува и убива со зборови, не само со оружје“, забележа тој.
Лав XIV ја истакна важноста на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верската слобода за постигнување мир, а исто така потсети дека религиозното искуство е „интегрална димензија на човечката личност, без која е тешко, ако не и невозможно, да се постигне прочистување на срцето неопходно за градење мирни односи“.
Светиот Отец повика на напуштање на деструктивната желба за освојување, давање нов поттик на мултилатералната дипломатија и на запирање на производството на „орудија за уништување и смрт, бидејќи, како што потсети папата Фрањо во неговата последна порака „Urbi et Orbi“, „мирот е невозможен без вистинско разоружување, а желбата на народите за безбедност не може да биде општата трка за вооружување“.
Правдата е услов за мир
Зборувајќи за правдата, Папата истакна дека таа е неопходен услов за мир. Тој ги повика политичките лидери да ја промовираат правдата преку создавање пристојни работни места, градење хармонија и мир во општествата, инвестирање во институцијата семејство, заснована на стабилна заедница меѓу маж и жена, бранејќи го достоинството на секоја личност – без оглед на неговата ситуација, националност или општествен статус. Во овој контекст, Светиот Отец нагласи дека и самиот е потомок на мигранти.
„Секој од нас, во текот на својот живот, може да биде здрав или болен, да работи или да е невработен, дома или во странство: но нашето достоинство секогаш останува исто – тоа е достоинство на битие посакувано и сакано од Бога“, додаде Папата.
Црквата мора да ја зборува вистината
Третата вредност е вистината. „Без вистина, невозможно е да се изградат вистински мирни односи, вклучително и во рамките на меѓународната заедница. Каде што зборовите добиваат двосмислена и нејасна конотација и каде што виртуелниот свет со својот изменет поглед на реалноста неконтролирано ја презема власта, тешко е да се изградат вистински односи, бидејќи се губат објективните и реалните предуслови за комуникација“, рече Папата.
Лав XIV нагласи дека „Црквата никогаш не смее да се плаши да ја зборува вистината за човекот и светот, дури и прибегнувајќи, доколку е потребно, кон директен јазик што може да предизвика некое почетно недоразбирање“.
Светиот Отец потсети дека за христијанинот вистината не е апстрактен принцип, туку жива личност – Христос, во кого може да се најде вдахновение за одговор на современите предизвици: миграцијата, етиката на вештачката интелигенција, грижата за Земјата.
На крајот, Папата потсети дека неговиот понтификат започнува во Јубилејната година на надежта. Ова, рече тој, е можност да ги оставиме споровите во минатото и да се тргне по нов пат вдахновен од заедничката желба за вистина, правда и мир, особено во регионите што страдаат, како што се Украина и Светата Земја.
Ватикан њуз/к.мк