Во пораката до учесниците на светскиот конгрес SIGNIS, што ќе се одржи од 15 до 18 август во Сеул, папата Фрањо посочи дека интернет страниците на медиумите понекогаш стануваат места на токсичност, говор на омраза и лажни вести; затоа, неопходно е да им се помогне на младите да ги користат со критичко чувство, разликувајќи ја вистината од лагата, доброто од злото и ценејќи ја важноста на работата за правда, општествената слога и почитување на заедничкиот дом.
Во деновите обележани со нови жаришта на насилство и агресија, неопходно е да се промовира мирот во дигиталниот свет, кој често е место на токсичност, говор на омраза и лажни вести. Ова е послание кое треба да се реализира во виртуелниот свет, кој има силен одек во денешната реалност, што папата Фрањо во посебна порака им ја доверува на учесниците на Светскиот конгрес на SIGNIS, светското католичко здружение за комуникација. Собирот ќе се одржи од 15 до 18 август во Сеул, Јужна Кореја, земја – како што пишува Папата во пораката на англиски јазик – чија историја на евангелизација ја покажува моќта на печатениот збор и важната улога на верниците лаици во ширењето на Евангелието. Светиот Отец го споменува земниот живот на свети Андреј Ким и неговите другари, корејските маченици, пред 200 години; нивниот живот во вас нека ја потврди ангажираноста за ширење на Евангелието на Исус Христос со јазикот на современите средства за комуникација.
Дигитални медиуми се моќна алатка за дијалог и заедништво
Ова не е обврска што може да се потцени – забележува Папата. Револуцијата на дигиталните медиуми во последните децении се покажа како моќна алатка за промовирање на заедништвото и дијалогот во рамките на нашето човечко семејство. Имено, за време на месеците на блокада поради пандемијата, јасно видовме како дигиталните медиуми можат да не поврзат, не само со ширење важни информации, туку и со олеснување на осаменоста поради изолацијата и во многу случаи, поврзувајќи цели семејства и црковни заедници во молитва и богослужба.
Сериозни етички прашања
Во исто време, употребата на дигиталните медиуми, особено социјалните медиуми, покрена голем број сериозни етички прашања кои бараат мудра и прониклива проценка од страна на комуникаторите и сите оние кои се занимаваат со автентичноста и квалитетот на меѓучовечките односи. Понекогаш интернет страниците на медиумите стануваат места на токсичност, говор на омраза и лажни вести – истакнува папата Фрањо и ова го дефинира како вистински предизвик со кој мора да се соочиме преку медиумско образование, медиумско вмрежување на католиците и спротивставување на лагите и дезинформациите.
Образование на младите
Задачите на кои се повикани да ги спроведат комуникаторите на SIGNIS добиваат целосна поддршка од папата Фрањо – како што самиот забележува, поттикнувајќи ги да посветат посебно внимание на потребата да им се помогне на луѓето, особено на младите, да развијат здраво критичко чувство, учејќи да ја разликуваат вистината од лагата, правилното од погрешното, доброто од злото и да ја цениме важноста на работата за правда, општествена слога и почитување на нашиот заеднички дом.
Дигитална вклученост
Римскиот бискуп спомена и бројни заедници во нашиот свет кои остануваат исклучени од дигиталниот простор. И за нив треба да се засукаат ракавите – напомена Папата – правејќи го дигиталното вклучување приоритет со цел да дадеме значаен придонес во ширењето на културата на мирот заснована на вистината на евангелието.
Слушање со „уво на срцето“
На крајот од документот, папата Фрањо ја споменува неговата порака за овогодинешниот Светски ден за социјалната комуникација, фокусирајќи се на слушањето како прва и неопходна состојка на дијалогот и добрата комуникација. Според Папата, ова слушање треба да се направи „со уво на срцето“. Токму овој „апостолат на слушање“ им припаѓа на католичките комуникатори – пишува Папата. Комуникацијата, имено, не е само професија, туку служи за дијалог и разбирање меѓу поединците и пошироките заедници, во потрага по мирен и мирољубив соживот.
Синодален од
Слушањето е исто многу важно за синодалниот процес, кој целата Црква го започна овие години. Затоа, желбата на папата Фрањо е да се слушаме и да растеме во свеста дека учествуваме во заедништвото кое ни претходи и нѐ вклучува. На овој начин – истакнува тој – ќе може да се формира „симфониска“ Црква, чие единство се изразува во хармонична и света полифонија.
Ватикан њуз/к.мк