Папата Лав XIV ги повика католичките комуникатори, собрани на Светската конференција SIGNIS во Кигали, да промовираат дигитална комуникација вкоренета во вистината, човечкото достоинство, мирот и грижата за созданието.
Папата Лав XIV ги повика католичките комуникатори да промовираат дигитални алатки и стратегии вдахновени од потрагата по вистината и од почитувањето на човечкото достоинство.
Неговиот апел беше упатен во порака до учесниците на Светската конференција SIGNIS, која се одржува во Кигали, Руанда. Пораката, во негово име, ја потпиша државниот секретар кардинал Пјетро Паролин.
Папата им упати срдечни поздрави на присутните и ги увери во својата духовна близина. Воедно изрази надеж дека нивните размислувања ќе дадат „нов поттик“ на напорите комуникациските платформи да го унапредуваат општото добро на целото човечко семејство.
Обликување на културата и совеста
Размислувајќи за реалноста на дигиталната ера, во пораката се нагласува дека голем дел од современиот живот денес е обликуван од дигиталната технологија и интернетот.
Повикувајќи се на својата енциклика Magnifica humanitas, папата Лав XIV потсети дека онлајн комуникацијата покрај тоа што пренесува информации, исто така создава култура, го обликува начинот на кој луѓето го восприемаат светот и длабоко влијае врз колективната свест.
Во тој контекст, Светиот Отец ги охрабри учесниците да истражат практични начини за унапредување на темата на конференцијата: „Дигитална комуникација за културна хармонија и благосостојба на животната средина“.
Тој изрази надеж дека нивните размислувања ќе доведат до комуникациски стратегии и алатки водени од вистината и вкоренети во почитувањето на достоинството на секој човек.
Заедништво, мир и грижа за созданието
Таквиот пристап, се вели во пораката, може да помогне во градењето култура што ги одразува евангелските вредности на заедништво и мир, а истовремено поттикнува одговорна грижа за животната средина.
Папата Лав XIV ги довери сите учесници на конференцијата на застапништвото на Марија, Мајката на Црквата, уверувајќи ги во своите молитви нивната работа да донесе трајни плодови.
На крајот, тој го даде својот апостолски благослов како залог на „мудрост и сила во Господа“.
Ватикан њуз/к.мк

