Папата: Денес, многу семејства се ранети, во Евангелието има светлина што може да им помогне

Во пораката упатена до учесниците на семинарот на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, папата Лав XIV ги охрабри да бидат „рибари на семејството“ за да се понуди средба со Божјата нежност: благодатта на бракот мора да им се посведочи на оние кои одлучуваат да живеат заедно, потсетувајќи дека христијанскиот живот е искуство на средба, а не само строг збир правила што треба да се почитуваат.
Охрабрување да се оди на изворот, да се открие повторно Исусовиот поглед на љубовта кон мажите и жените од нашето време на кои им е тешко да живеат во својата заедница и го чувствуваат товарот на осаменоста, но кои го бараат копнежот на верата „која престојува во срцето на секого“. Ова е пораката на папата Лав XIV упатена до учесниците на семинарот што се одржа до 3 јуни, во Палацо Сан Калисто во Рим, а го организира Дикастеријата за лаици, семејство и живот на тема: „Евангелизација со семејствата од денес и утре. Еклисиолошки и пасторални предизвици“. Иницијативата започна по Јубилејот на семејството, децата, бабите и дедовците и старите лица.
Во пораката, Папата размислува за опасностите што ги забележуваат семејствата, а кои ги водат до тоа да дозволат да бидат вовлечени во „морето световни поттикнувања“, во потрага по „илузорни модели на живот, каде што нема место за верата“. Тие се шират преку средства кои се „потенцијално добри сами по себе – како што се социјалните мрежи – но штетни кога стануваат средства за заведувачки пораки“.
Божјото татковство
Папата Лав XIV, сепак, тргнува од срцето на човекот, од тоа длабоко прашање за бесконечноста врежано во срцето на секој, кое им дава задача на мајките и татковците да ги запознаат своите деца со Божјото татковство. Во важната потрага по духовност, особено за младите луѓе кои бараат „автентични врски“ и „учители на животот“, потребно е христијанската заедница да биде „чувар“ и затоа блиска, особено со оние кои се духовно оддалечени или се чувствуваат исклучени.
Колку луѓе денес го игнорираат повикот да се сретнат со Бога!
Сведоци на христијански брак
За жал, наспроти оваа потреба – пишува Папата – сè поголемата „приватизација“ на верата нè спречува да ги запознаеме богатствата и даровите на Црквата, место на благодат, братство и љубов. Постои опасност од „лажни упоришта“ што водат кон пад надолу. Затоа Папата ја повикува Црквата да го „лови“ ова човештво, за да го спаси од водите на злото и смртта преку средбата со Христос.
Можеби на многу млади луѓе кои во наше време избираат заеднички живот наместо христијански брак, всушност им е потребен некој кој ќе им покаже на конкретен и разбирлив начин, особено со примерот на животот, за да се препознае дарот на светотаинската благодат и каква сила доаѓа од неа.
Неостварлива религија
За папата Лав XIV, заедницата е важна како поддршка во воспитувањето на децата во верата, бидејќи верата – како што тој нагласува во својата порака – е пред сè одговор на погледот на љубовта. Најголемата грешка што можеме да ја направиме како христијани е, според Свети Августин, да мислиме дека Христовата благодат се состои во неговиот пример, а не во дарот на неговата личност.
Колку пати, можеби во не толку далечното минато, сме го претставиле христијанскиот живот главно како збир правила што треба да се почитуваат, заменувајќи го прекрасното искуство на средбата со Исус, Бог кој ни се дарува, со моралистичка, тешка, непривлечна религија и, во некои аспекти, неостварлива во конкретноста на секојдневниот живот.
Евангелие на семејството
Во овој контекст, од суштинско значење е целата Црква да се придружи во посланието да биде „рибар“ на семејства кои повеќе не се приближуваат сами, и да создаде синџир од семејства кои ја шират средбата со Божјата нежност. Немојте да се обесхрабрувате од тешките ситуации што ќе ги најдете пред вас – забележува Папата, додавајќи: Вистина е дека денес семејните клетки се ранети на многу начини, но Евангелието на семејството го храни и семето кое уште чека да созрее.
Идентитетот на верникот
Според мислењето на Светиот Отец, не смееме да даваме избрзани одговори на предизвикувачки прашања, туку мора да се приближиме, обидувајќи се да најдеме начини за надминување на тешкотиите, исто така да бидеме подготвени и да се отвориме, кога е потребно, за нови критериуми за оценување и различни начини на дејствување, бидејќи секоја генерација е различна и носи свои предизвици, соништа и прашања.
Ако сакаме да им помогнеме на семејствата да живеат по радосни патишта на заедништво и да бидат семе на вера едни за други, прво и најважно треба да го негуваме и обновиме нашиот идентитет како верници.
Да им помогнеме на семејствата храбро да го слушаат Христовиот предлог и повиците на Црквата – поттикна на крајот папата Лав XIV, ветувајќи ја својата молитва.
Ватикан њуз/к.мк