Папата: Да се ослободиме од омразата и предрасудите, и да дозволиме религиите да го разбудат чувството за човечност
Папата Лав XIV учествуваше на настанот „Одејќи заедно во надеж“, по повод 60-годишнината од соборскиот документ Nostra Aetate, и им се заблагодари на сите оние кои со години работеа на поттикнување на дијалогот меѓу Католичката црква и другите религии.
„Да им помогнеме на луѓето да бидат гласови што го осудуваат насилството и неправдата, што ги лекуваат поделбите и го навестуваат мирот. Да одиме заедно во надеж,“ порача Папата.
Папата Лав XIV, со радост и длабока благодарност, ги поздрави поглаварите и претставниците на светските религии кои се собраа во вторник попладне, на 28 октомври 2025 година, во салата „Павле VI“, заедно со членовите на дипломатскиот кор акредитирани при Светиот Престол, за да ја одбележат шеесетгодишнината од Декларацијата за односот на Црквата со нехристијанските религии Nostra Aetate, преку настанот „Одејќи заедно во надеж“.
Светиот Отец го започна својот говор потсетувајќи на пријателството и почитта кон Католичката црква што многу религиозни водачи ја покажаа на особен начин за време на болеста и смртта на папата Фрањо, а потоа и во времето на изборот на папата Лав XIV за наследник на свети Петар, како и со нивното присуство на светата Литургија за почетокот на неговиот понтификат.
Овие гестови, нагласи Римскиот епископ, сведочат за длабоката и трајна врска меѓу Католичката црква и другите религии. Документот Nostra Aetate, додаде тој, посеа семе на надеж за меѓурелигиски дијалог – семе кое низ годините израсна во величествено дрво што раѓа богати плодови на меѓусебно разбирање, пријателство, соработка и мир.
Како верски поглавари, водени од мудроста на нашите традиции, ја делиме светата одговорност: треба да му помогнеме на нашиот народ да се ослободи од оковите на предрасудите, гневот и омразата; да му помогнеме да се издигне над себичноста и затвореноста во самите себе; да му помогнеме да ја победи алчноста што ја разорува човечката душа и душата на земјата. На тој начин можеме да ги водиме нашите народи да станат пророци на нашето време – гласови што го осудуваат насилството и неправдата, ги лечат поделбите и го навестуваат мирот на сите наши браќа и сестри – рече папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

