На плоштадот Свети Петар, пред молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV упати повик за инклузивен дијалог за мир во Мјанмар, потсети на речиси 200 жртви на насилствата во Нигерија и на парохот убиен при бомбардирање во Судан. Ги охрабри сите засегнати страни да ги прекинат судирите, да ги заштитат цивилите и да продолжат со дијалогот за постигнување мир. Исто така, ја замоли меѓународната заедница да обезбеди барем основна хуманитарна помош за населението погодено од тешка криза.
Современиот свет има потреба од патишта кои водат кон изградба на мирот, како што е спортот – училиште на почитување, верност и место каде расте културата на средба и братство. Спортот претставува животен стил што треба свесно да се практикува, спротивставувајќи се на секоја форма на насилство и угнетување. Со овие зборови, папата Лав XIV, во недела 15 јуни 2025 година, пред молитвата „Ангел Господов“, се обрати до илјадниците верници присутни на плоштадот Свети Петар. Во таа прилика, повторно потсети и на бројните вооружени конфликти ширум светот.
Во Мјанмар, и покрај повиците за прекин на огнот, судирите продолжуваат, предизвикувајќи притоа штети и врз цивилната инфраструктура. Ги повикувам сите засегнати страни да тргнат по патот на инклузивен дијалог, кој единствено може да доведе до мирно и стабилно решение.
Страшен масакр во Нигерија – 200 жртви меѓу раселените лица
Светиот Отец се осврна и на страшниот масакр во Нигерија, каде што околу 200 лица се свирепо убиени во ноќта меѓу 13 и 14 јуни. Потсети дека повеќето од жртвите биле внатрешно раселени лица, згрижени од локалната католичка мисија.
Молам да надвладеат безбедноста, правдата и мирот во Нигерија – возљубена земја која длабоко страда од различни облици на насилство. Особено се молам за руралните христијански заедници во сојузната држава Бенуе, кои постојано се жртви на напади.
Убиен парох во Судан – апел за хуманитарна помош
Папата не го изостави ниту Судан, кој веќе повеќе од две години е погоден од конфликти. Потсети и на смртта на отец Лука Џуму, парох во Ел Фашер, кој загина при бомбардирање.
Додека ги ветувам своите молитви за него и за сите жртви, уште еднаш ги повикувам завојуваните да престанат со насилството, да ги заштитат цивилите и да се вклучат во дијалог за мир. Го повикувам меѓународната заедница да ги засили напорите за да обезбеди барем основна помош за населението што се соочува со тешка хуманитарна криза. Да продолжиме да молиме за мир на Блискиот Исток, во Украина и ширум светот.
Беатификација на Флорибер – сведок на надежта за младите
На крајот, Петровиот наследник потсети на беатификацијата на младиот конгоански маченик Флориберт Бвана Чуи, што се одржа во недела попладне во базиликата на Свети Павле надвор од ѕидините.
Тој беше убиен на дваесет и шест години бидејќи, како христијанин, ѝ се спротивстави на неправдата и ги бранеше најмалите и сиромашните. Неговото сведоштво нека биде извор на храброст и надеж за младите во Демократска Република Конго и во цела Африка!
Папата Лав XIV на крајот им се обрати на младите, изразувајќи ја својата радост поради претстојниот Јубилеј на младите, и ги препорача сите присутни на застапништвото на Блажената Дева Марија, Царица на мирот.
Ватикан њуз/к.мк