За време на светата Литургија, која на Првата недела од Великиот пост, папата Лав XIV ја служеше во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Рим, во својата проповед се задржа на длабоко размислување за значењето на Великиот пост и за благодатта на Крштението. Обраќајќи ѝ се на црковната заедница составена од луѓе со различно потекло, Светиот Отец потсети дека ова литургиско време е поволна можност да повторно да го „откриеме богатството на нашето Крштение, за да можеме да живееме како луѓе целосно обновени преку воплотувањето, смртта и воскресението на Исус“.
Правејќи паралела меѓу првото читање од Книгата Битие, за искушението во Едемската градина, и евангелскиот извештај за искушенијата во пустината, Папата нагласи дека Божјото Слово го осветлува „дарот на Крштението како благодат што се среќава со нашата слобода“. Историјата на почетокот, објасни тој, првично не претставува забрана, туку „можност: можност за однос“ меѓу созданието и неговиот Создател.
Токму тој однос искушувачот настојува да го разурне, вметнувајќи „претпоставка дека е можно да се избрише секоја разлика меѓу созданието и Создателот“ преку „илузијата да се стане како Бог“. Според Папата, овој библиски дел останува „ненадминливо ремек-дело што ја претставува драмата на слободата“.
Исус, слободниот човек што ја открива вистинската човечност
Пред оваа древна и суштинска дилема: „Можам ли целосно да го остварам својот живот ако му кажам ‘да’ на Бог? Или, за да бидам слободен и среќен, треба да се ослободам од Него?“, сцената со Христовите искушенија дава решителен одговор. Лав XIV потсети дека Исус ја открива „вистинската човечност“ и ја цитираше соборската конституција Gaudium et spes: „Тајната на човекот навистина се осветлува само во таинството на Воплотеното Слово“. Спротивставувајќи се на лукавствата на Искушувачот, Христос го покажува „новиот човек, слободниот човек“, чија слобода се исполнува кога му кажува „да“ на Бог. Таа обновена човечност, нагласи Папата, „се раѓа од крштелниот извор“.
Светиот Отец зборуваше и за динамичната природа на Крштението, кое „не се исцрпува во просторот и времето на обредот“, туку останува жива благодат, „внатрешен глас што нè повикува да се уподобиме на Христос“. Таа благодат, додаде тој, постојано го насочува верникот по нов пат, за неговата слобода да го најде своето исполнување во љубовта кон Бог и кон ближниот.
Од оваа крштелна поврзаност со Христос произлегува вистинската слобода, суштински различна од онаа што ја ветува ѓаволот: не стремеж кон власт, туку „љубов што се дарува и нè прави сите браќа и сестри“. Во поткрепа на ова, Папата го цитираше свети Павле: „Немаше претходно ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса. “ (Галатјаните 3,28).
Парохија во срцето на противречностите на нашето време
Парохијата „Пресвето Срце Исусово“ се наоѓа во близина на Термини, главната железничка станица во Рим. Осврнувајќи се на специфичниот контекст на оваа парохија, која папата Лав XIII посака токму на тоа место да се изгради за што го замолил свети Иван Боско да се вложи во тоа дело, Светиот Отец нагласи дека „на само неколку метри“ се среќаваат спротивностите на нашето време: „безгрижноста на луѓето што удобно заминуваат и се враќаат, и оние што немаат покрив над главата; бројните можности за правење добро и за правење зло; желбата за чесна работа и незаконската трговија со дрога и проституцијата“.
Во таков контекст, парохијата е повикана „да биде квасец на Евангелието во ова подрачје, да стане знак на близина и милосрдие“. Папата Лав XIV изрази благодарност кон салезијанците за нивната „неуморна работа“ со младите, мигрантите, бегалците и бездомниците, охрабрувајќи ја заедницата да остане „мал пламен на светлина и надеж“.
На крајот, Папата го довери Велигденскиот пост на застапништвото на Марија, Помошничка на христијаните, за да ги поддржува верниците „во миговите на искушение и неволји“ и да им помогне во полнота да ја живеат „слободата и братството на Божјите деца“.
Ватикан њуз/к.мк

