Серијата катехези во среда на Папата за време на јубилејот се посветени на Христос, нашата надеж. Токму затоа, во катехезата подготвена за среда 19 март 2025 година, објавена од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Фрањо нагласува дека „започнува размислувања за некои средби на Исус опишани во Евангелијата, за да го сфатиме начинот како Тој дава надеж“.
Првата средба што ја издвои е средбата на Исус со Никодим, опишана во третото поглавје од Евангелието по Иван. Како што пишува Папата, „Никодим е човек кој, преку својата животна приказна, покажува дека е можно да излезе од темнината и да најде храброст да го следи Христос. Никодим го бара Исус затоа што чувствува дека Тој може да ја осветли темнината на неговото срце. Меѓутоа, Евангелието ни открива дека Никодим, сепак не може веднаш да разбере што му зборува Исус, затоа што размислува со својата логика и со неговите категории. Тој е човек со јасно дефиниран карактер и има јавна улога како еден од еврејските водачи: Но чувствува едноставно дека нешто во неговиот живот повеќе не е во ред и чувствува потреба за промени, а не знае од каде да започне“, додава Папата.
Исто така, нè потсетува дека ова се случува на секого во одреден момент од животот. „Ако не прифатиме промени, ако се затвориме во својот начин на размислување, ние сме во опасност. Животот се крие во способноста да се промениме за да најдеме нов начин како да љубиме“, предупредува Светиот Отец, продолжувајќи:
„Исус му зборува на Никодим за ново раѓање, кое во одредени моменти од нашето животно патување не само што е можно, туку и неопходно. За волја на вистината, изразот што се користи во текстот сам по себе е веќе двосмислен, бидејќи anōté (ἄνωθεν) може да се преведе на два начина: „одозгора“ и „повторно“. Никодим пополека ќе сфати дека тие две значења одат заедно едно со друго: ако дозволиме на Светиот Дух во нас да создаде нов живот, ќе се родиме повторно“, истакнува папата Фрањо.
„Промената понекогаш нè плашат. Од една страна, нè привлекуваат, но од друга страна, повеќе би сакале да останеме во нашата комфорна зона. Затоа Духот нè поттикнува да се соочиме со овие стравови. Исус го потсетува Никодим – кој е учител на Израелот – дека и Израелците се плашеле додека оделе во пустината. Толку многу биле фокусирани на своите грижи така што во одреден момент нивните стравови примиле облик на змии отровници. За да се ослободат, морале да погледнат во бакарната змија која Мојсеј ја закачи на знамето; односно морале да го подигнат погледот и да застанат пред предметот кој ги претставува нивните стравови. Со самото соочување со она што нé плаши, можеме да започнеме да се ослободуваме, истакнува Папата.
„Никодим, како и сите ние, ќе може да го погледне Распнатиот, Оној кој ја победи смртта, коренот на сите наши стравови. Да го воздигнеме погледот кон Оној кој беше прободен, да му дозволиме и ние на Исус да не сретне. Во Него наоѓаме надеж да се соочиме со промените во нашиот живот и повторно да се родиме“, пишува Светиот Отец на крајот од катехезата.
Ватикан њуз/к.мк