Папата го посети богородичното светилиште Мајка на добриот совет

Папата го посети богородичното светилиште Мајка на добриот совет

Папата Лав XIV го посети Светилиштето Мајка на добриот совет во Џенацано, надвор од Рим, велејќи дека „многу сакал да дојде тука во овие први денови од новата служба… која Црквата ми ја довери“.

За прво патување надвор од Ватикан, папата Лав XIV одлучи да го посети Светилиштето Мајка на добриот совет во Џенацано, надвор од Рим.

Папата Лав, во сабота 10 мај 2025 година околу 16:00 часот приватно го посети светилиштето, со кое раководат августинците од 1200 година,.

Светилиштето е дом на древна икона на Дева Марија, која доаѓа од Скадар (Албанија) и била многу сакана од папата Лав XIII, кој никогаш не успеал да ја посети, но во 1903 година ја воздигнал до достоинство на мала базилика. Папи, кои ја посетиле Мајката на добриот совет се: Иван XXIII во 1959 година и Иван Павле II во 1993 година. Денес го посети и папата Лав XIV, кој како кардинал служеше света Литургија во светилиштето на 25 април 2024 година.

Во својата проповед, тогашниот кардинал Превост ја истакна својата побожност кон Пресвета Богородица, повикувајќи ги верниците да бидат вдахновени од Марија за ширење на мир и помирување во светот.

Поздрав и молитва

Папата Лав пристигна со мултиван „Фолксваген“, седејќи напред; беше пречекан од луѓе собрани на плоштадот, како и луѓе кои стоеја на прозорците и балконите.

Многумина извикуваа „Лав, Лав“, а околните улици се исполнија со луѓе. Влегувајќи во црквата, каде што ги поздрави августинските монахињи, Папата застана да се помоли, прво пред олтарот, а потоа пред иконата на Богородица. Со присутните, ја измоли молитвата на Иван Павле II до Мајката на добриот совет.

„Што и да каже, направете“

На крајот, откако измоли „Радувај се Маријо“ и ја испеа „Царице небесна“, Папата им се обрати на присутните во црквата, поздравувајќи ги и жителите на Џенацано собрани надвор: „Многу сакав да дојдам тука во овие први денови од новата служба за извршување на посланието како Петров наследник, која Црквата ми ја довери“.

И, сеќавајќи се на посетата што ја направи по неговиот избор за генерален поглавар на Редот на Свети Августин и неговиот избор да „го понуди својот живот на Црквата“, Лав XIV ја повтори својата „доверба во Мајката на добриот совет“, цитирајќи ги зборовите која Марија им ги упати на слугите на свадбата во Кана: „Што и да ви каже, направете“.

Потоа Папата одржа приватна средба со августинската заедница.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот