На 17 јуни, папата Лав XIV се сретна со бискупите од Италијанската бискупска конференција (CEI) во Салата за благослови, потсетувајќи дека токму од тука, од централната ложа, папата Фрањо го упати своето последно велигденско обраќање за мир. „На денот на мојот избор и јас ги повторив зборовите на Воскреснатиот: ‘Мир вам!’“
Светиот Отец им се заблагодари на бискупите и на заедниците во Италија за нивните молитви, кои – како што нагласи – му се многу потребни. Тој го истакна значењето на колегијалноста и единството на локалната Црква, и заедништвото со Петровиот наследник.
Папата потенцира дека новата евангелизација е главен приоритет. Во контекстот на секуларизацијата, отуѓеноста од верата и демографската криза, неопходно е да се вратиме на керигмата, помагајќи им на луѓето да изградат личен однос со Христос. Да му се даде централно место на Господ, да се сведочи за Него „во најдлабоките тајни на човечкото срце“, и да се споделува радоста на Евангелието – тоа е првата и најважна задача на Црквата, истакна папата Лав XIV. Пасторалната грижа мора да допре до оние кои се најдалеку од Црквата, користејќи нови јазици на катехеза и евангелизација.
Осврнувајќи се на темата за мирот, Папата потсети дека мирот е дар кој Христос им го остава на своите ученици. Потоа ги охрабри бискупите:
„Секоја епархија нека промовира педагогијата на ненасилството, иницијативи за посредување во локални конфликти и проекти за гостопримство кои стравот од другиот го претвораат во можност за средба.“
Црковните заедници – особено таму каде што се прекинати социјалните врски – треба да станат „домови на мирот“, простори на помирување и прошка, затоа што, како што рече Папата, „мирот не е духовна утопија, туку понизен, секојдневен пат кој се ткае со храброст и трпеливост“.
Осврнувајќи се на предизвиците на дигиталната ера, Папата потсети дека човекот не е алгоритам, туку „таинство, создание, однос“. Без длабока антрополошка рефлексија, верата станува апстракција, а етиката – бездушен код. Светиот Отец повика на развивање на „култура на дијалог“, како сите црковни структури би станале простори на заемна грижа и комуникација меѓу генерациите и културите – на тој начин, вистината станува веродостојна.
Во завршниот дел од своето обраќање, Папата ги повика италијанските бискупи да го зачуваат единството, особено во контекст на синодалниот процес; да не се плашат од храбри одлуки, да гледаат во иднината со надеж и да ги вклучат верниците-мирјани во посланието за евангелизација во секојдневието – во училиштата, болниците, бизнисот, политиката и културата.
„Ништо нека не ве спречува да бидете блиску до народот, да го споделувате нивниот живот и да го навестувате Евангелието“, посака папата Лав XIV. Благословувајќи ги, тој ги довери бискупите на застапништвото на Пресвета Богородица.
Ватикан њуз/к.мк