По завршувањето на еднонеделните духовни вежби во Ватикан, папата Лав XIV во петок 27 февруари 2026 година упати зборови на благодарност и размислување, поврзувајќи ги темите што го одбележаа Духовните вежби, предводени од бискупот Ерик Варден. Во пораката, Папата ги повика верниците, заедно со Римската курија и кардиналите во Рим, да живеат и да се однесуваат достојно на Евангелието.
Папата ги опиша овие денови како „длабоко духовно искуство“ што ја придружувало Римската курија на нејзиниот пат во Великиот пост. Размислувањата, како што посочи, започнале со темата „Искушенијата“, а продолжиле со осврти за монашкиот живот и сведоштвото на Бернард од Клерво.
Осврнувајќи се на моментите што особено го трогнале, папата Лав XIV се присети на размислувањето за изборот на папата Евгениј III и ги цитираше зборовите на свети Бернард: „Што направивте? Нека ви се смилува Бог.“
Потоа се осврна на самата капела, потсетувајќи на 8 мај, кога тој и кардиналите биле собрани таму на евхаристисо славење. Над нив е испишан стих од Посланието на свети Павле до Филипјаните: „Зашто за мене животот е Христос, а смртта е добивка.“
„Во овој контекст и со овој дух на заедништво“, рече тој, „сите ние собрани заедно работиме рамо до рамо, иако често многу одвоено“. Средбата во молитва, додаде Папата, е важен момент во животот на Црквата, време за преиспитување на прашања од суштинско значење, како за личниот живот, така и за црковната заедница.
Меѓу темите на духовните вежби, папата Лав XIV го истакна и освртот на учителот на Црквата, свети Јован Хенри Њуман, како и неговата поема „Сонот на Геронтиј“. Во тоа дело, нагласи тој, Њуман ги претставува смртта и судот како „призма“ низ која човекот се соочува со стравот и чувството на недостојност пред Бог. Папата посочи и на слободата и вистината како клучни димензии на христијанскиот живот, за кои се зборуваше во размислувањата.
Враќајќи се повторно на Посланието до Филипјаните, Папата ги прочита зборовите на апостолот Павле за тоа како е „притиснат“ меѓу желбата да замине и да биде со Христос и повикот да остане заради „напредокот и радоста во верата“ на другите. Притоа го истакна Павловиот совет: „Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие.“
„Ова“, рече папата Лав XIV, „е повикот на крајот од овие денови на молитва и размислување, која самото Божјо Слово ни ја упатува на сите нас.“
Во име на присутните, Папата му се заблагодари на бискупот Варден за проповедта и за неговите размислувања, мудрост и сведоштво, истакнувајќи дека тие, заедно со поуките од монашката традиција и сведоштвото на свети Бернард, остануваат траен извор на благослов и благодат. Тој изрази благодарност и до Канцеларијата за литургиски прослави и до хорот, нагласувајќи дека музиката има важна улога во молитвата, затоа што го воздигнува духот кон Господа на начин што зборовите не секогаш можат.
Ватикан њуз/к.мк

