Со посета на папата Фрањо во Трст, град во североисточна Италија ќе заврши „јубилејната“ социјална недела за италијанските католици, која се фокусира на тема учество и демократија.
Во недела, на 7 јули 2024 година, папата Фрањо ќе го посети главниот град на регионот Фриули-Венеција Џулија каде ќе ја затвори социјалната недела на италијанските католици, периодичен собир посветен за продлабочување на социјалната наука на Црквата. Програмата на посетата вклучува средба во конгресниот центар „Генерали“, средба со мигранти, екуменска средба, со претставници од академските кругови и лица со попреченост, како и Света Литургија на плоштадот Обединување на Италија.
Градиме политика за општо добро. Под овој слоган, 50-тата социјална недела на италијанските католици започна во Трст, на 3 јули 2024 година, на тема „Во срцето на демократијата. Учеството, меѓу историјата и иднината“. Претседателот на Републиката, Серџо Матарела, го одржа инаугуративниот говор. На настанот учествуваат околу 900 делегати кои ја претставуваат целата црковна реалност – бискупии, црковни движења и лаички заедници, кои се поканети на четиридневен состанок, дискусии и формулирање предлози за активен општествен живот. Кулминација на настанот ќе биде учеството на папата Фрањо во недела.
По поаѓањето од ватиканскиот хелиодром во 6.30 часот, Светиот Отец ќе пристигне во Трст во 08.00 часот, каде ќе слета во конференцискиот центар „Генерали“. Со него ќе се сретнат претседателот на Италијанската бискупска конференција, кардиналот Матео Марија Зупи, монсињор Луиџи Рена, надбискуп на Катанија и раководител на организацискиот одбор на Социјалните недели, како и локалниот бискуп Енрико Тревизи и претставници на регионалните и локалните власти.
Во истиот центар ќе се одржи средба со учесниците на конгресот. По пречекот на кардиналот Зупи и поздравот на надбискупот Рена, Папата ќе одржи говор. На крајот, учесниците на конгресот ќе појдат на плоштадот Обединување на Италија, каде Папата ќе има кратка средба со различни групи: екуменска средба, со претставници на академскиот свет, како и со група мигранти и лица со посебни потреби. .
Во 10.00 часот, папата Фрањо со панорамски автомобил ќе го напушти конгресниот центар до плоштадот Обединување на Италија, каде во 10.30 часот е закажана света Литургија, која ќе заврши со молитвата „Ангел Господов“. Во 12:30 часот е предвидено полетување од Моло Аудаче – Трст, а во 14.00 часот слетување на хелиодромот во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк