На почетокот од својата пасторална посета на Помпеја, папата Лав XIV се сретна со добротворна организација која им помага на луѓето во потреба, поттикнувајќи ги присутните секогаш да веруваат во Исус и да дозволат Неговото слово да ги вдахновува нивните напори.
„Дозволете да ве вдахновуваат и поттикнуваат радоста што доаѓа од Исусовите зборови и Неговиот пример, и објавувајте ја на сите.“
Овој повик папата Лав XIV го упати при посетата на „Храмот на милосрдието“ во Светилиштето во Помпеја, на 8 мај 2026 година, на првата годишнина од неговиот избор за Папа.
Средбата со оние што се вклучени во добротворните активности на Светилиштето беше првиот настан од пасторалните посети на Светиот Отец во петокот, најнапред во Помпеја, а потоа во Неапол.
Папата им се заблагодари на волонтерите на организацијата за нивната дарежливост и доверба и рече: „За мене е прекрасно што ја започнувам оваа пасторална посета по стапките на свети Бартоло Лонго, кого имав радост да го прогласам за свет на 19 октомври минатата година.“
Тој го нарече ова место „место на милост, каде што Богородица од Светата Бројаница и свети Бартоло собираат мажи и жени од секоја возраст, потекло и состојба, за да ги водат кон единствениот Извор на онаа универзална љубов што може да му даде на светот спокојство и хармонија: да ги водат кон Бога“.
Силата на Христовото Воскресение се доживува секој ден
Папата потсети дека светецот ја нарекувал долината на Помпеја „место на љубовта што го загрева срцето“ и „триумф на верата и милосрдието“, додавајќи дека оваа реалност и денес е многу жива и видлива.
„Тука, во добротворните дела на Светилиштето, силата на Христовото Воскресение се доживува секој ден, обновувајќи ги срцата преку љубовта за добриот живот според Евангелието.“
Папата забележа дека „Храмот на милосрдието“ и „Храмот на верата“ меѓусебно се поддржуваат.
Молитвата, истакна тој, ги негува прифаќањето, наклонетоста, служењето и великодушната посветеност на многу луѓе, а љубовта прави чуда што ги надминуваат секој напор и секое очекување.
Да се гледа Христовото лице во секого
Папата Лав ги потсети добротворните работници на Светилиштето дека, кога свети Бартоло првпат пристигнал во долината на Помпеја, нашол земја погодена од голема сиромаштија.
И на тоа место, населено само со неколку сиромашни земјоделци и погодено од маларија и разбојништво, идниот светец можел во секого да го види „Христовото лице“, рече Папата.
Папата Лав потсети дека, преку нежноста на Бартоло, и возрасните и децата, особено сираците и децата на затворениците, го откривале срцето Божјо.
Молитвата како основа на сè
Папата потсети дека свети Бартоло продолжил да го гради ова место како центар на христијанскиот живот и на побожноста кон Пресвета Богородица, познат низ целиот свет.
„Во основата на сè“, рече папата Лав, „е молитвата, а особено Светата Бројаница“, која ја нарече скриена сила „што прави сè друго да биде можно“.
Одржувајте ја жива оваа древна и прекрасна побожност
„Затоа ве повикувам сите вас да ја одржувате жива оваа древна и прекрасна побожност и да ја ширите“, рече папата Лав, нагласувајќи дека „созерцувајќи ги тајните на Исусовиот живот со едноставните и мајчински очи на Марија, она што Тој го остварил продира во срцата и ги преобразува животите“.
Папата Лав им довери и „програма за живот“: да бидат мажи и жени на молитва, за да ја одразуваат, како јасни и скромни огледала, светлината што доаѓа од Бога.
Преку своите зборови и дела, рече Папата, тие „ќе го негуваат пламенот на љубовта што го запали свети Бартоло“ и ќе станат, „во служењето, дијалогот и животот на верата, веродостојни примери и мудри водичи за оваа прекрасна млада генерација“.
Положете ја својата доверба во Исус
Потоа Светиот Отец упати зборови на охрабрување до децата, адолесцентите и младите.
„Имајте доверба во оние што со љубов се грижат за вашиот раст“, рече тој, додавајќи: „Во текот на целиот свој живот положете ја својата доверба во Исус, Синот Божји, распнат и воскреснат, Кој нè спасува и нè ослободува.“
„Исус“, им рече Папата, „е Пријателот кој никогаш не нè напушта и не нè отфрла, Братот кој нè разбира и секогаш оди покрај нас.“
Држете се до Него и до Неговата благодат
„Да се држиме до Него, додека преку рацете на Марија Му го доверуваме целото човештво на Неговата грижа“, рече Папата, „сигурни дека, со помош на Неговата милост, ништо нема да може да нè спречи да правиме добро и дека надежта за иднина на мир, овде и насекаде, ќе го најде своето исполнување.“
Уверувајќи ги добротворните работници во своите молитви и давајќи им го својот благослов, папата Лав се помоли: „Царице на Светата Бројаница од Помпеја, моли се за нас! Свети Бартоло, моли се за нас!“
Ватикан њуз/к.мк

