Папата: Во овие времиња на конфликти и немири, молете се за правда и мир

Папата: Во овие времиња на конфликти и немири, молете се за правда и мир

Папата Фрањо испрати порака, потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, до врховниот витез на Витезите на Колумбо, Патрик Е. Кели, по повод 142. Врховна конвенција која се одржа во канадскиот град Квебек од 6 до 8 август.

Светиот Отец ги поттикнува да се молат за „правда, мир и помирување во нашето човечко семејство“ во овие времиња обележани со нови војни, конфликти и социјални немири.

Поддршка за населението во војна, одбрана на животот и бракот

Во писмото, Папата изразува посебна благодарност „за напорите на витезите во грижата за потребите на нашите браќа и сестри во Украина разурната од војна, христијанските заедници на Блискиот Исток и сите оние кои трпат прогонство поради нивната вера во Христа. Тоа се „причини кои му се особено блиски на срцето како пастир на универзалната Црква. Заедно со добротворните активности на своите локални совети ширум светот, вашиот Ред продолжува да дава исклучителна поддршка и охрабрување на другите да го бранат Божјиот дар на живот во секоја фаза од неговиот развој, да го зачуваат достоинството на институцијата брак и да го унапредат посланието на Црквата во земјите во развој“, се вели во пораката.

Централното место на семејството

Текстот особено се фокусира на темата на настанот „Во послание“, „фокусирана на мисионерската димензија на христијанското учеништво што Светиот Отец го истакнува уште од првите денови на неговиот понтификат“. Потоа се наведуваат зборовите од апостолскиот поттик „Evangelii Gaudium“: „Секој христијанин е мисионер до тој степен до кој ја сретнал Божјата љубов во Христа Исуса“.

Токму „итната потреба да се сведочи за таа љубов, особено во служењето на сиромашните и апостолската ревност за градење на Црквата во единство, братство и верност на спасоносната вистина на Евангелието“ е темелот на основањето на витезите на Колумбо. „Во постигнувањето на овие благородни цели, вашиот Ред од своите почетоци посвети големо внимание на формацијата на своите членови како луѓе со вера и семејство“, пишува Папата.

„Со генерации, витезите работеа на зајакнување на семејниот живот преку програми за катехизам и духовен раст, јавно го сведочеа централното место на семејството како основна клетка на општеството и поддржуваа голем број иницијативи за поддршка на семејствата во нивната многу потребна социјална и воспитна мисија,“ додаде тој.

Опасностите на младите

Истакнува дека оваа историска обврска вклучува „посебна грижа за пренесување на верата на новите генерации, всадување здрави вредности и следење на младите луѓе додека тие растат до зрелост како мажи и жени со интегритет, мудрост и служење на заедниците во кои живеат“. Истите тие млади луѓе кои Фрањо ги предупредуваше во своите говори и пишувања за опасноста што се појавува во денешното флуидно и често лекомислено општество, а тоа е „опасноста да бидат одвоени од верските и културните корени кои го сочинуваат нивниот најдлабок идентитет“. Затоа Светиот Отец особено ја охрабрува иницијативата на витезите наречена „Кор“.

Евхаристиско ходочестие во САД

Во пораката, тој потсетува и на евхаристиското ходочестие во Соединетите Американски Држави, промовиран од Редот, кој „даде импресивно сведоштво не само за верата на Црквата во откупителната силана Христовата жртва на крстот, туку и за неговата постојана придружба на Црквата во текот на нејзиното ходочестие низ историјата“. Папата ги повикува витезите и нивните семејства да продолжат со молитви и мисиите „за триумф на Христовиот мир во срцата на сите луѓе и за изградба на цивилизација на љубовта“.

Во пресрет на Светата година

На крајот, во однос на јубилејот, Папата, мислејќи на „безбројните ходочесници“ кои ќе поминат низ Светата врата на базиликата Свети Петар, изрази надеж дека „со разгледување на големиот балдахин Бернини над гробот на свети Петар, сега вратен во првобитниот сјај благодарение на великодушноста на витезите од Колумбо, ќе се зајакне верата и единството со Петровиот наследник.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот