Папата во Неапол: Во услови на нееднаквост и насилство, Црквата нека биде конкретно присутна
Во Неапол, папата Лав XIV се сретна со свештенството и монаштвото во катедралата „Вознесение на Пресвета Богородица“. Тој ги повика да ја промовираат народна побожност, за да одговорат на неволјите предизвикани од насилството, невработеноста кај младите и раното напуштање на училиштето. Црквата, додаде тој, треба да биде сведоштво што го проникнува секојдневниот живот, вдахновено од радоста што самиот Папа сакаше да ја сподели со присутните.
Папата Лав XIV пристигна во Неапол, главниот град на регионот Кампанија, во петок попладне, 8 мај 2026 година, на годишнината од неговиот избор за Папа, по утринската посета на Помпеја.
Првиот настан од престојот на Папата во градот беше средбата со свештенството во Неаполската катедрала. Папата Лав го опиша овој регион како простор проткаен со големи контрасти: живост на народната побожност, убавина што ги исполнува улиците и плоштадите, но и рани оставени од насилството, невработеноста кај младите, раното напуштање на училиштето и ранливите семејствота.
Овие рани се гледаат во занемарените улици, предградијата и заборавените места, и ја прават уште поитна потребата од конкретно и солидарно присуство на Црквата, да биде слиска до луѓето и нивните животи. Потребна е вера што ќе го проникне секојдневието и ќе дозволи автентичната радост, што Папата ја препознава кај жителите на Неапол, да се шири и да допира до сите.
„И јас сум тука денес за да бидам заразен со оваа радост“, рече Римскиот епископ.
„Оди со нив“
Папата зборуваше за евангелскиот пасус за двајцата ученици на патот кон Емаус (Лука 24,13-31), од кој се земени и зборовите „Оди со нив“, избрани како мото за оваа пасторална посета.
Зборот „вознемиреност“ одекна во срцето на папата Лав, кој ги спореди двајцата ученици со оние што денес живеат без да знаат како да ги толкуваат знаците на историјата, обесхрабрени и разочарани од неисполнетите лични и пасторални надежи, со тажни лица и горчина во срцата.
Исус, сепак, е со нас и оди со нас. Тој нè придружува за да нè отвори кон нова светлина. Неговиот став е став на Оној што се грижи.
Вредноста на живата народна побожност
Папата ја спореди грижата со занемарувањето, кое најочигледно се гледа на улиците, аглите, заедничките простори и периферијата на градот. Уште повеќе, тоа се гледа во состојбите во кои самиот живот е занемарен, кога убавината и достоинството остануваат незачувани.
Затоа папата Лав XIV го охрабри негувањето на „внатрешната грижа“, грижа за срцето, човечноста и односите. Ова охрабрување особено им е упатено на оние што имаат одговорни служби во Црквата.
Неапол е град со илјада бои, каде што културата и традициите од минатото се спојуваат со современоста и иновацијата. Тоа е град во кој живата народна побожност се испреплетува со бројни општествени слабости и многу облици на сиромаштија. Ова е древен град, постојано во движење, исполнет со голема убавина и истовремено обележан со големо страдање, па дури и со крваво насилство.
Придружување на уморните семејства и дезориентираните млади
Во таков контекст, истакна Римскиот епископ, христијанската вера треба длабоко да навлезе во ткивото на животот и општеството. Затоа Црквата и свештениците се повикани да ги слушаат приказните на градот, да ги препознаат оние на кои најмногу им е потребно да бидат слушнати, да им понудат видици на надеж и да ги охрабрат да го изберат доброто.
„Мислам на уморните семејства и на честопати дезориентираните млади луѓе што сакате да ги придружувате, како и на сите потреби, човечки, материјални и духовни, што сиромашните ви ги доверуваат кога чукаат на вратите на вашите парохии и здруженија.“
На сето ова се надоврзува чувството на беспомошност и збунетост, кога зборовите и делата изгледаат недоволни пред новите прашања и предизвици на денешницата, особено кога станува збор за младите. Тоа е човечки и пастирски товар што може да оптовари, исцрпи и да ја одземе енергијата, често дополнително влошен од осаменоста и пастирската изолираност.
„Да ја практикуваме уметноста на близината!“
Затоа ни е потребна грижа, нагласи Папата. Преземањето одговорност за внатрешната и духовната димензија, како и негувањето на односот со Господ, бараат храброст да се застане, за служењето да не се сведе само на задача што треба да се заврши.
Овој пат минува и низ братството кое, како што е наведено во Апостолското писмо Верност што раѓа иднина, треба да се смета за „конститутивен елемент“ на сопствениот идентитет. Братството е повеќе од идеал или слоган. Сегашноста е изложена на „струи на осаменост“, во културна средина што станува „послоевита и пофрагментирана“, па затоа братството треба да се негува и преку нови можни форми на заедничко живеење.
„Станува збор за повеќе од учество на средба или настан. Потребно е да работиме за да го надминеме искушението на индивидуализмот. Да размислуваме за ова заедно, како свештеници и монаси! Да ја практикуваме уметноста на близината!“
„Создавајте симфонија од харизми и служби“
Потоа Папата се осврна на големата важност на мирјаните и пасторалните работници, потсетувајќи на потребата евангелизациската мисија да се промовира преку вреднување на различните харизми и служби.
Тој ги охрабри присутните да го прифатат синодалниот метод на меѓусебно слушање, за јасно да се препознаат очекувањата, раните и надежите. Така се обновува сликата за Црква повикана да излезе од себе, да го преобрази својот стил и да се воплоти меѓу луѓето како светлина на надежта.
„Затоа ве молам: слушајте се еден со друг, одете заедно, создавајте симфонија од харизми и служби и така пронаоѓајте начини да преминете од пастирска грижа насочена кон зачувување кон мисионерска служба способна да се сретне со конкретниот живот на луѓето.“
Оваа мисија бара придонес од сите, нагласи Папата и додаде:
„Во град обележан со нееднаквост, невработеност кај младите, рано напуштање на училиштето и ранливост на семејството, навестувањето на Евангелието треба да биде придружено со конкретно и солидарно присуство, кое ги вклучува сите: свештеници, монаси и мирјани.“
Ватикан њуз/к.мк

