Папата Лав XIV им се обрати на учесниците на Пленарното собрание на Папската академија за живот и ја нагласи важноста од промовирање на здравјето во свет исцрпен од конфликти.
Во свет исцрпен од конфликти, мора да се посветат време и ресурси за промовирање на животот и здравјето, при што треба да се соочиме со нееднаквостите преку зајакнување на нашето разбирање за општото добро, истакна папата Лав во понеделник, 16 февруари 2026 година.
„Денес се соочуваме со војни што ги погодуваат цивилните структури, вклучително и болниците, кои претставуваат најтешни напади што човечки раце можат да ги нанесат врз животот и јавното здравје“, рече тој во своето обраќање во Ватикан пред учесниците на Пленарното собрание на Папската академија за живот.
„Во свет обележан од конфликти, кои трошат огромни економски, технолошки и организациски ресурси за производство на оружје и друга воена опрема, никогаш не било поважно да се посветат време, луѓе и стручност за заштита на животот и здравјето.“
Пленарното собрание на Папската академија за живот се одржува во Рим на 16 и 17 февруари и е посветено на темата „Здравствена грижа за сите: одржливост и правичност“.
Здравјето не се промовира еднакво за сите
Папата Лав ја изрази својата благодарност за избраната тема. „Често се вели дека животот и здравјето се подеднакво темелни вредности за сите, но оваа изјава е лицемерна ако, во исто време, ги игнорираме структурните причини и политиките што ги создаваат нееднаквостите“, рече тој.
„И покрај декларациите и тврдењата за спротивното“, продолжи тој, „не се почитуваат сите животи еднакво, а здравјето ниту се заштитува ниту се промовира на ист начин за сите.“
Тој објасни дека „состојбите во кои се наоѓаат заедниците“, во однос на квалитетот на здравјето и животот, „се резултат на социјални и еколошки политики“, кои влијаат врз фактори како приходот, образованието или местото во кое човек живее.
„Кога ќе ја погледнеме очекуваната должина на животот и квалитетот на здравјето во различни земји и општествени групи, откриваме огромни нееднаквости“, рече тој.
Здравје за сите
Папата во таа насока ја нагласи важноста од препознавање „на врската меѓу здравјето на сите и здравјето на секој поединец“, додавајќи дека пандемијата на КОВИД-19 ја покажа оваа реалност.
Нашата одговорност, рече тој, е „не само да преземаме мерки за лекување болести и да обезбедиме правичен пристап до здравствена грижа, туку и да препознаеме дека здравјето е под влијание и се унапредува преку комбинација на фактори кои треба да се испитуваат и да се соочат во нивната сложеност“.
Тој го спореди тоа со мозаик, каде што различни области како „медицина, политика, етика, управување и други“ треба да се соединат за да се соочат со сеопфатни прашања и да се најдат решенија. Додаде и дека тоа значи да не се водиме од непосредна добивка, туку од она што е најдобро за сите.
Продолжувајќи во истиот правец, Папата инсистираше на важноста да се промовира концептот „едно здравје“, кој „ја нагласува еколошката димензија и меѓузависноста на различните облици на живот и еколошките фактори што овозможуваат нивен урамнотежен развој“.
„Едно здравје“ може да биде „основа за глобален, мултидисциплинарен и интегриран пристап кон здравствените прашања“, бидејќи нè потсетува дека „човечкиот живот е неразбирлив и неодржлив без другите созданија“, рече Папата.
Во однос на јавното здравје, Папата Лав објасни дека овој концепт „повикува размислувањата за здравството да се вградат во сите политики (транспорт, домување, земјоделство, вработување, образование и така натаму)“.
Зајакнување на разбирањето за општото добро
Затоа, за да се промовира овој концепт, Папата истакна дека „треба да го зајакнеме нашето разбирање и промовирање на општото добро“, за тоа да не потклекне пред поединечни или национални интереси.
Тој додаде дека општото добро е „еден од темелните принципи на социјалното учење на Црквата“ и дека „ризикува да остане апстрактен и нерелевантенн поим ако не препознаеме дека е вкоренета во градењето блиски односи меѓу луѓето и врски меѓу членовите на општеството“.
Папата истакна дека токму тоа е почвата на која може да расте „демократска култура“ што ги обединува „ефикасноста, солидарноста и правдата“, повикувајќи сите „да го откријат повторно основниот став на грижа како поддршка и близина кон другите, не само затоа што некој е во потреба или болен, туку затоа што сите ја доживуваме ранливоста, која е заедничка за сите човечки битија“.
Тој нагласи дека само така „ќе можеме да развиеме поефикасни и поодржливи здравствени системи, способни да одговорат на секоја здравствена потреба во свет со ограничени ресурси, како и да ја обноват довербата во медицината и во здравствените работници, и покрај дезинформациите или скепсата кон науката“.
Во таа насока, Папата Лав XIV повторно го упати својот повик да се зајакнат меѓународните и мултилатералните односи, за да се спречат конфликтите и ниту еден чинител да не надвладее над друг „со логиката на сила“.
„Оваа визија се однесува и на соработката и координацијата што ја вршат наднационалните организации ангажирани во заштитата и промовирањето на здравјето“, заклучи тој.
Ватикан њуз/к.мк

