Отец Роберт стана свештеник пред 43 години

Отец Роберт стана свештеник пред 43 години

Андреа Торниели

Лав XIV денес ја одбележува годишнината од неговото свештеничко ракополагање во капелата „Света Моника“, лоцирана на плоштадот „Сант’Уфицио“, непосредно до Ватикан. Оваа капела, во 2023 година, му беше доделена како кардиналска титуларна црква.

„Не можам да ве нахранам сите со обичен леб. Но, ова Слово е ваш дел. Ве хранам од истата трпеза која и мене ме храни. Јас сум ваш слуга.“ Со овие зборови, вдахновени од Свети Августин (Проповед 339), стои во спомен картичката што отец Роберт Ф. Превост ја имаше на денот на своето ракополагање, 19 јуни 1982 година. На неа е прикажана икона на Тајната вечера од 15 век, соодветна за значењето на свештеничката служба како служење и заедништво.

Пред точно четириесет и три години, токму во капелата „Света Моника“, на неколку чекори од Ватикан, отец Роберт Франсис Превост беше ракоположен за свештеник од белгискиот надбискуп Жан Жадот – тогашен претседател на Папскиот совет за дијалог со нехристијаните, а претходно апостолски делегат во Азија, Африка и САД. Во моментот на ракополагањето, младиот отец Превост имаше 27 години и веќе студираше канонско право на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“. Пет години претходно се приклучил на Редот Свети Августин, а свечените монашки завети ги положил во 1981 година. Во 1985 бил испратен како мисионер во Перу, каде служел во мисијата Чулуканас, во регионот Пиура.

Избраниот цитат од Свети Августин го потсетува читателот и на други негови текстови, како на пример извадокот од „Толкувањата на псалмите“ (103, III, 9): „Ти си добар слуга Христов“, запишал епископот од Хипо, „ако им служиш на оние на кои Христос им служел… Оној што со својата крв те ослободи, те направи слуга мој… Љуби ги слугите твои во името на твојот Господ.“

Токму оваа димензија на служењето – да се биде Божји, и преку тоа да се биде слуга на Неговиот народ – продре и во првата проповед за свештенички ракополагања што ја одржа кардинал Превост, како епископ на Рим, на 31 мај 2025 година, во базиликата „Свети Петар“. Во таа прилика тој им го додели свештеничкиот чин на единаесет ѓакони.

„Драги верници“, рече тој, „замислете го патот на Исус. Да се биде Божји слуга, Божји човек, значи да се биде поврзан со земјата – не со некаков идеален свет, туку со реалниот. Како Исус, и луѓето што Отецот ќе ги стави на вашиот пат се луѓе од крв и месо. Посветете им се, не изолирајте се, не правете од примениот дар привилегија… ‘Љубовта Христова нè поседува’, драги браќа и сестри! Тоа поседување нè ослободува, затоа што не нè врзува за никого. Му припаѓаме на Бога – тоа е најголемото богатство, и единственото кое, кога се споделува, расте.“

Капелата „Света Моника“, во која се случи свештеничкото ракополагање на Превост во 1982 година, беше прогласена за негов кардиналски наслов од папата Фрањо, на 30 септември 2023 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот