Одобрена е канонизацијата на Карло Акутис и на 14 други блажени

Одобрена е канонизацијата на Карло Акутис и на 14 други блажени

Папата Фрањо претседаваше со редовниот конзисториум за гласање за некои процеси за канонизација. Одлучено е четиринаесет лица да бидат прогласени за светци на 20 октомври годинава, а младиот мирјанин Карло Акутис да биде прогласен за светец во текот на Јубилејот 2025 година, на датум кој ќе се одреди дополнително.

Конзисториумот започна со литургија на Третиот час, а потоа кардинал Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување на светци, прочита краток извештај, т.н. Peroratio за животите и признатите чуда со застапништво на кандидатот.

Најголемата група нови светци ја сочинуваат т.н „Маченици од Дамаск“, кои се убиени во Сирија во 1860 година. Тоа се отец Мануел Руиз Лопез и седумте придружници и маронитски мирјани, браќата Абдел Моати, Фрањо и Рафаел Масабки. Од нив 11 се убиени поради омраза кон верата за време на Сириската граѓанска војна. Според извештајот, убиени се во ноќта на 9 јули додека се молеле во фрањевската црква во Дамаск.

Ќе бидат канонизирани за светци и двајца Италијанци – отец Јосип Аламано и сестра Елена Гуера. Отец Аламано на почетокот на 20 век, го основал Друштвото за посветен живот на мисионерите Утешители и сестрите мисионерки Утешителки; а сестра Елена Гуера го посветила својот живот на образование на девојки и на крајот на 19 век ја основала Дружбата Облатки на Светиот Дух.

Одобрена е и канонизацијата на монахињата родена во Канада, сестра Марија Леони Паради, која ги основала Малите сестри на Светото семејство на почетокот на 20 век.

Папата Фрањо и кардиналите гласаа за канонизација на Карло Акутис, кој е роден во 1991 година во Англија во италијанско семејство. Одлучено е да биде прогласен за светец за време на јубилејот во 2025 година. Откако се разболел од леукемија на 15-годишна возраст, починал на 12 октомври 2006 година во Монца, Италија. Папата Фрањо го прогласи за блажен во 2020 година во Асизи, каде Карло повеќе пати ходочестеше и каде се наоѓаат и неговите посмртни останки. Бил вешт со компјутери и бил познат по неговата приврзаност кон евхаристиските чуда и Маријанските објави, за кои посветил веб-страница. Според Peroratio, блажениот Карло бил „љубезен и грижлив кон најсиромашните и им помагал на бездомниците, сиромашните и мигрантите со парите што ги заштедувал од неговиот неделен џепарлак“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот