На само една година до Светскиот ден на младите во Сеул 2027, објавена е официјалната химна: Confidite, Ego Vici Mundum, односно „Бидете храбри! Јас го победив светот“.
Тоа е мелодија што ќе одекнува во срцата на цела генерација млади католици. Официјалната химна за следниот Светски ден на младите е претставена точно една година пред настанот.
Песната ќе го даде тонот на претстојниот меѓународен собир на католичката младина, кој ќе се одржи во Сеул од 3 до 8 август 2027 година.
Химна за сите народи
Тематската песна го носи насловот Confidite, Ego Vici Mundum и ја следи темата избрана за Светскиот ден на младите 2027: „Бидете храбри! Јас го победив светот“, стих од Евангелието според Иван (16,33).
Химната има меѓународен карактер и се изведува на повеќе јазици, меѓу кои корејски, англиски, француски, шпански, португалски и италијански.
Песната започнува со повикот: „Следи ме, срце заспано, разбуди се и тргни“.
Снимени се две верзии. Првата е во покласичен стил, со хор и оркестар, додека втората е современа поп-ремикс верзија.
Песна на заедништвото
Една од целите на оваа песна е да понуди претвкус на настанот. Но пред сè, таа ќе ги придружува учесниците додека се подготвуваат за средбата.
Секое издание на Светскиот ден на младите има своја препознатлива мелодија, која со себе носи многу спомени за учесниците.
Химната е резултат на отворен конкурс. Задачата била да се создаде оригинална композиција што ќе ја пренесе темата на Светскиот ден на младите и ќе им помогне на младите да ја доживеат нејзината порака.
Корејски Светски ден на младите
Тематската песна ја компонираше корејскиот музичар Франсис Џијун Ким, кој во неа внесе елементи од културата и духот на својата земја.
Песната се изведува претежно на корејски јазик, а вокалите се спојуваат со традиционални локални инструменти во современ аранжман.
Музичкото видео ги прикажува пејзажите и препознатливите знаменитости на Сеул, нудејќи прв поглед на она што ги очекува учесниците следното лето.
Како што е традиција, на главниот собир во Сеул ќе претходат „Деновите во епархиите“. Од 29 јули до 2 август 2027 година, петнаесет корејски епархии ќе ги пречекаат ходочесниците во парохиите и семејствата, нудејќи им можност да се запознаат со животот на локалната Црква пред главните прослави.
Повеќе од триесет години по Манила во 1995 година, ова ќе биде втор Светски ден на младите што ќе се одржи во Азија. Воедно, ова е првпат настанот да се одржи во земја каде што католиците се малцинство.
Во Јужна Кореја, католиците претставуваат околу 12 проценти од населението, во општество обележано со значителен религиски плурализам.
Следни чекори
Регистрацијата на ходочесниците ќе се отвори во октомври 2026 година, со различни пакети во зависност од должината на престојот и избраните настани.
Во подготовка се и мобилна апликација и интегриран логистички систем.
Како и во претходните изданија, гостопримството во голема мера ќе го обезбедат семејствата и парохиите од Сеулската надбискупија.
Околу 230 парохии веќе активно регрутираат и обучуваат семејства домаќини, за младите да можат одблиску да го искусат секојдневниот живот на Црквата во Кореја.
„Ќе вложиме максимални напори за Светскиот ден на младите во Сеул 2027 да биде прослава на надежта и сведоштво за гостопримството и солидарноста на Кореја и Сеул“, рече надбискупот Петар Чунг Сун-таик, надбискуп на Сеул и претседател на Локалниот организациски комитет.
Тимовите го подготвуваат настанот веќе три години, а сега влегуваат во завршната фаза пред да пречекаат стотици илјади млади луѓе од целиот свет.
Се очекува да бидат вклучени речиси 30.000 волонтери, а неколку стотици веќе активно работат на подготовките.
Ватикан њуз/к.мк

