Објавена пораката на Папата за Светскиот ден на социјалните комуникации за 2025 година

Објавена пораката на Папата за Светскиот ден на социјалните комуникации за 2025 година

Делете ја со добрина надежта што е во вашите срца“ (сп. 1 Пeтар 3,15-16) е насловот на Пораката на папата Фрањо за 59. Светски ден на средствата за социјална комуникација, кој ќе се одбележи на Седмата воскресна недела, која оваа година се паѓа на 1 јуни.

„Во време обележано со дезинформации и поларизација, во кое неколку центри на моќ контролираат невидена маса на податоци и информации“, Папата им се обраќа на новинарите и медиумските работници на почетокот на својата порака: „Потребна е вашата храбра посветеност за да ја ставите личната и колективна одговорност за својот ближен во центарот на комуникацијата“, повикувајќи ги да бидат пренесувачи на надежта, почнувајќи од обновувањето на нивната работа и посланието во согласност со духот на Евангелието.

Папата потоа повикува да се „разоружа“ комуникацијата. „Премногу често денес комуникацијата не раѓа надеж, туку страв и очај, предрасуди и огорченост, фанатизам, па дури и омраза. Премногу често ја поедноставува реалноста за да предизвика инстинктивни реакции. Таа се служи со зборови како со острицата на мечот; користи дури и лажни или намерно искривени информации за да шири пораки чија намера е да ги разбуди духовите, да провоцира или да повреди“, предупредува Папата, нагласувајќи дека е важно да се „ослободи“ комуникацијата од агресивност.

Папата потоа предупредува на уште еден вознемирувачки феномен: „планирано одвраќање“ преку дигитални системи кои, профилирајќи нè според логиката на пазарот, ја менуваат нашата перцепција за реалноста. Се случува, честопати беспомошни, да бидеме сведоци на еден вид атомизирање на интересите, што на крајот ги поткопува нашите темели како заедница, нашата способност да соработуваме за општо добро, да се слушаме, да ги разбираме меѓусебните мотиви. Според тоа, изгледа дека откривањето на „непријателот“ против кој треба вербално да се соочиме е нешто неопходно за самопотврдување. А кога другиот ќе стане „непријател“, кога лицето и достоинството ќе му се помрачат за да биде исмеан, исчезнува и можноста да се роди надеж, забележува Папата.

Во вториот дел од пораката, Папата најмногу простор посветува на теолошката доблест надежта. Надежта, пишува Папата, е скриена доблест, таа е издржлива и стрплива. За христијаните, сепак, надежта не е можност, туку неизбежен предуслов. Потоа го цитира папата Бенедикт XVI кој во својата енциклика Spe salva напиша дека надежта не е пасивен оптимизам, туку, напротив, „перформативна“ доблест што може да го промени животот. Христијанската надеж има лице, лице на воскреснатиот Господ. Неговото ветување дека секогаш ќе биде со нас со дарот на Светиот Дух ни овозможува да се надеваме против секоја надеж и да гледаме скриени делови од добро дури и кога изгледа дека сè е изгубено, истакнува Папата.

Затоа Папата ги охрабрува верниците повторно да ја разгорат надежта меѓу своите браќа и сестри во овие тешки времиња. Ги повикува да користат комуникација која може да зборува со срцето, да не предизвикува емоционални реакции на затворање и гнев, туку ставови на отвореност и пријателство, комуникација во чиј центар ќе биде убавината и надежта, дури и во навидум најбезнадежните ситуации, комуникација која ќе побуди посветеност, ентузијазам, интерес за другите.

Јубилејот во 2025 година, кој го слави Црквата, истакнува Папата, отвора надеж и укажува на потребата од внимателна, добронамерна, промислена комуникација, способна да ги покаже патиштата на дијалогот. Затоа, ве охрабрувам да ги откриете и раскажете многуте приказни за добрината скриени во ќошињата и шуплините на дневните вести; да ги имитираме трагачите на злато кои неуморно го просејуваат песокот во потрагата по парче злато. Добро е да најдете такви семиња на надеж и да ги запознаете со вашите најблиски. Ова му помага на светот да биде малку помалку глув на плачот на најслабите, малку помалку рамнодушен, малку помалку затворен. Секогаш обидувајте се да ги пронајдете искрите на добрината што ни дозволуваат да се надеваме. Таквата комуникација може да помогне да се „ткае“ заедништвото, да се чувствуваме помалку сами и повторно да го откриеме значењето на заедничкото одење, пишува Папата во пораката за Светскиот ден на средствата за социјална комуникација 2025 година, кој се одбележи на 1 јуни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот