Ви го пренесуваме размислување за Шестата недела по Педесетница според Евангелието од Матеј 9,1-8 кое е објавено на социјалните мрежи на Радио Марија.
Читање на светото Евангелие од Матеј (9,1-8)
Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Кога ја виде Исус нивната вера, му рече на фатениот:
„Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“
А некои од книжниците, кои тоа го слушнаа, во себе рекоа:
„Овој богохулствува.“
А Исус, познавајќи ги мислите нивни, рече:
„Зошто лошо мислите во срцата ваши? Што е полесно да се каже: ‘Ти се простуваат гревовите твои!’ или ‘Стани и оди!’? Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги проштава гревовите…“ – тогаш му рече на фатениот:
„Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
И тој стана, ја зеде својата постела и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се исполни со чудење и Го прослави Бога, Кој дал таква власт на луѓето.