Ви го пренесуваме размислување за Недела на слепородениот, според Евангелието од Иван 9,1-38 кое е објавено на социјалните мрежи на Радио Марија
Читање на светото Евангелие според Иван (9,1-38)
Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?” Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи. Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.”
Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: »пратен«!” Тој отиде, се изми и дојде прогледал.
А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?” Едни велеа: „Тој е”, а други: „Личи на него.” Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.” Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?”
Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: »Отиди во бањата Силоам и изми се!« Отидов, се измив и прогледав.”
Му рекоа пак: „Каде е Он?” Тој рече: „Не знам.” Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп. А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите. Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?” Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.” Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.” Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана расправија помеѓу нив.
Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е.” Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот, и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?”
Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп; но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!” Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа. Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!”
Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.” А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.” Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?” Тој им одговори: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?” А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.”
Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.
И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.” Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нè учиш?” И го испадија надвор.
Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?” Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?” Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.” А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони.