На Богојавление Папата Лав XIV ја затвори Светата врата, завршувајќи ја Јубилејната година на надежта
На празникот Богојавление Господово, папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија во базиликата „Свети Петар“ на која учествуваа околу 5.800 верници и ја затвора последната Света Врата – означувајќи го официјалниот крај на Јубилејната година на надежта.
Во вторник, 6 јануари 2026 година, на празникот Богојавление Господово, папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија во базиликата „Свети Петар“ на која учествуваа околу 5.800 верници.
На почетокот, Папата ја затвори Светата Врата на базиликата „Свети Петар“, последната од Светите Врати отворена за Јубилејната година. Гестот го означи крајот на месеците во кои „река од безброј мажи и жени, ходочесници на надежта“, го преминаа прагот на базиликата, патувајќи кон она што Папата го опиша како „новиот Ерусалим, градот чии врати се секогаш отворени“.
Мудреците и Ирод
Размислувајќи за Евангелието на денот, земено од Матеј, Папата се фокусираше на радоста на мудреците и стравот од Ирод, забележувајќи дека Светото Писмо никогаш не ја крие тензијата што ја придружува Божјата објава. „Секој пат кога Светото Писмо зборува за тоа како Бог се објавува“, рече тој, „не ги крие спротивставените реакции, како што се радоста и вознемиреноста, отпорот и послушноста, стравот и копнежот“. Богојавление, додаде тој, открива дека Божјото присуство никогаш не ги остава работите какви што се: „Денес го славиме Богојавление Господово, свесни дека во неговото присуство ништо не останува исто“.
Ова божествена објава, продолжи Папата, го означува почетокот на надежта. Божјото присуство „става крај на тој вид меланхолична самодоволност што ги тера луѓето бескрајно да велат: „Нема ништо ново под сонцето“. Наместо тоа, „започнува нешто ново што ја одредува сегашноста и иднината“, исполнувајќи го пророчкото ветување: „Стани, свети; зашто твојата светлина дојде и славата Господова изгреа над тебе“.
Тоа е Ерусалим, продолжи Папата – град навикнат на откровение, кој е вознемирен од потрагата на мудреците. Оние кои го познаваат Светото Писмо и „мислат дека ги имаат сите одговори“, забележа Папата, „изгледа дека ја изгубиле способноста да поставуваат прашања и да негуваат чувство на копнеж“. Градот е вознемирен од оние кои пристигнуваат „движени од надеж“, загрозени од она што впрочем треба да биде извор на радост. „Оваа реакција“, рече тој, „исто така нè предизвикува како Црква“.
Потрагата по денешните мажи и жени
Размислувајќи потоа за Јубилејот, папата Лав ги повика верниците да размислат за духовното барање на денешните мажи и жени. „Кои беа тие мажи и жени и што ги мотивираше?“, праша тој. „Што пронајдоа? Што имаше во нивните срца, нивните прашања, нивните чувства?“ Како и мудреците, рече тој, многумина сè уште се чувствуваат принудени да тргнат на пат. „Мудреците постојат и денес“, нагласи тој. Тие се оние кои „чувствуваат потреба да излезат и да бараат, прифаќајќи ги ризиците поврзани со нивното патување“, дури и во свет кој е често „непријатен и опасен“.
Евангелието, рече Папата, ја повикува Црквата да не се плаши од ова движење на човештвото кое бара, туку „да го цени и да го насочува кон Бога кој нè одржува“. Ова не е Бог кој може да се контролира. „Тој е Бог кој може да нè вознемири затоа што не останува цврсто во нашите раце како идолите од сребро и злато; напротив, тој е жив и животворен, како Детето кое Марија го држеше во своите раце и кое мудреците го обожаваа“.
Поради оваа причина, светите места мора да комуницираат со живот. Јубилејните места за ходочестие рече Папата, „мора да го шират мирисот на животот, незаборавното сознание дека започнал друг свет“. Потоа го постави прашањето: „Дали има живот во нашата Црква? Дали има простор за нешто ново да се роди? Дали го сакаме и го навестуваме Бога кој нè упатува на пат?“
За разлика од нив, тука е Ирод, чиј страв од губење на моќта го искривува неговиот одговор на Божјото делување. Ирод, забележа Папата, „се плаши за својот престол и е вознемирен за оние работи што ги чувствува надвор од негова контрола“. Стравот, предупреди тој, „навистина нè заслепува“. Радоста на Евангелието, пак, „нè ослободува“, правејќи ги верниците „разумни, да, но исто така и смели, внимателни и креативни“ и отворајќи патишта „различни од оние што веќе ги поминале“.
Во срцето на Богојавление
Во срцето на Богојавление, рече папата Лав, завршувајќи ја својата проповед, стои дар кој не може да се купи или контролира. „Детето кое мудреците го обожаваат е непроценливо и неизмерно Добро“. Неговото откровение не се случува „на престижна локација, туку на скромно место“, а сепак за Витлеем се вели: „Ти воопшто не си најмал“.
„Прекрасно е да бидеме ходочесници на надежта“, рече Папата. „Прекрасно е за нас да продолжиме да бидеме ходочесници заедно“. На крајот, заклучи тој, ако Црквата се спротивстави на тоа да стане споменик и остане дом, таа сепак може да стане „генерација на нова зора“, секогаш водена од Марија, Ѕвездата Утринска, кон „необично човештво, преобразено не од заблудите на семоќниот, туку од Бога кој стана тело од љубов“.
Ватикан њуз/к.мк

