Надбискупот Кавали за статусот на Меѓугорје и овогодинешниот Младифест

Надбискупот Кавали за статусот на Меѓугорје и овогодинешниот Младифест

Апостолскиот визитатор со посебна улога за парохијата Меѓугорје, надбискупот Алдо Кавали, гостувајќи на 30 јули 2024 година во програмата на Радио станицата „Мир Меѓугорје“, ги повика младите да учествуваат на 35. Младифест, за сите заедно да бидат веродостојни носители на новата евангелизација, и се осврна на актуелниот статус на Меѓугорје.

Неодамна, апостолскиот нунциј во Република Хрватска, надбискупот Џорџо Лингва, за прв пат беше во Меѓугорје. Во проповедта тој многу зборуваше за нормите за постапување во расудувањето со наводни натприродни феномени, кои во мај ги објави Дикастеријата за наука на верата. Тој рече дека „највисокото ниво на признание што Црквата може да го даде е nihil obstat, односно дека после внимателно и долгорочно проучување на видливите објави, ќе може да изјави дека нема елементи кои се спротивни на доктрината и моралот на Црквата и дека затоа нема пречка за слободно и лично придржување кон ваквите појави и пораките што тие ги носат со себе“.

На прашањето дали наскоро може да се очекува nihil obstat за феноменот Меѓугорје, надбискупот Кавали одговори дека моменталниот фокус на Светиот Престол е на пасторалниот дел.

Тој објасни дека Папата направил две многу длабоки и многу јасни работи во Меѓугорје. „Со оглед на тоа што милиони луѓе доаѓаат во Меѓугорје да се молат, исповедаат и да го променат својот живот, Папата го зеде целиот пасторален дел од оваа парохија под своја директна грижа и јурисдикција. Згора на тоа, за да му даде праведно и правилно значење на ова место на милости, за целиот овој пасторален дел од парохијата тој испрати надбискуп како одговорен, кој ја има целата јурисдикција за тој пасторален дел од парохијата како што ја има еден епископ во својата бискупија. Овие два факти, односно одлуките на Светиот Отец: прво, да ја преземе грижата за парохијата во целиот нејзин пасторален дел, и второ, дека само за овој пасторален дел испратил надбискуп со цела јурисдикција на дијацезантски епископ, се значајни за да се покаже духовниот квалитет на Меѓугорје“, објасни надбискупот Кавали, посочувајќи дека во иднина ќе се носат и други одлуки во согласност со одредбите на Дикастеријата за наука на верата.

„Марија го избра подобриот дел…“ (Лука 10,42), е темата на овогодинешниот Младифест, кој ќе се одржи од 1 до 6 август во Меѓугорје.

Надбискупот Кавали рече дека илјадниците млади кои доаѓаат во Меѓугорје се промотори и активни фактори на новата евангелизација. „Тие доаѓаат од овој наш свет, живеат во овој наш свет и учествуваат во животот на овој нов свет на кој треба да го навестуваме Евангелието. Како да се навестува Евангелието на сложениот свет, на човештвото какво што е денес? Новата евангелизација е процес, тоа е тековен процес, а младите се тие кои се сместени и всушност потопени во тој процес, во тој свет и во новото евангелизирање. Тие се во секој аспект во овој наш свет и тука се длабоко соединети со Господ Исус. Оној кој е длабоко поврзан со Господ и кој е длабоко потопен во неговиот свет во кој живее, тој човек се нарекува пророк. Пророк е личност која живее длабоко во Бога, според Господ Исус, и која во исто време живее длабоко во денешниот свет. А токму младите кои учествуваат на оваа чудесна средба стануваат протагонисти на новата евангелизација. Како пророци, тие длабоко се соединуваат во Бога со Господ Исус Христос и го навестуваат на денешниот свет. И како пророци, тие живеат длабоко вкоренети во денешниот свет, го живеат тој свет и го претставуваат тој свет и Му го носат на Господ Исус. Така се остварува новата евангелизација во денешниот свет и на тој начин се остварува придонесот што младите го даваат на ваквите средби во новата евангелизација“, рече надбискупот Кавали.

Осврнувајќи се на моменталната светска ситуација, надбискупот Кавали рече дека оваа ситуација не зависи од младите, туку она што тие можат да го направат е да одлучат дали ќе влезат во најдобриот дел од денешниот свет или во најлошиот дел од денешниот свет. „За да донесат таква одлука треба да бидат одлучни, интелигентни и подготвени. На ова место Светиот Дух на младите им дава сила, интелигенција, ги подготвува и им дава решителност за живот во денешниот свет“, додаде надбискупот Кавали.

Тој посочи дека има две многу јасни работи кои младите можат и треба да ги очекуваат од Младифест. „Знаат дека доаѓаат овде на свето место, а Светиот Дух ги води во тоа свето место за да се сретнат со Господ Исус во друштво на Дева Марија. Од друга страна, има длабока и силна одлука од наша страна, ние кои сме тука треба да соработуваме и тоа трајно да соработуваме со Светиот Дух за да го зачуваме ова место како свето место за прифаќање на илјадници кои доаѓаат од целиот светот“, рече надбискупот Кавали во интервју за Радио „Мир“ Меѓугорје.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот