Надбискупот Галагер во Индија: Преподобниот Мар Иванос нè повикува на светост

Надбискупот Галагер во Индија: Преподобниот Мар Иванос нè повикува на светост

Надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односите со држави и меѓународни организации при Светиот Престол, при прославата на светата Литургија во рамките на својата еднонеделна посета на Индија, истакна дека преподобниот Мар Иванос и денес ги повикува верните да се стремат за светост и да останат длабоко вкоренети во Христос.

„Преподобниот надбискуп Мар Иванос ги охрабруваше своите браќа да градат личен однос со Христос, да ја бараат светоста во секојдневниот живот и несебично да му служат на ближниот.“

Овие зборови надбискупот Галагер ги кажа во својата проповед на светата Литургија во вторник 15 јули 2025 година, за време на годишната прослава во чест на Мар Иванос.

Настанот опфати молитви, богослужби и молитвени бденија со свеќи, на чело со црковни поглавари, меѓу кои и кардиналот Баселиос Клемис, големиот надбискуп и католикос на Маланкарската католичка црква и голем надбискуп на Тривандрум.

Мар Иванос и денес нè вдахновува

Во својата хомилија, надбискупот Галагер изрази длабока благодарност што има можност да биде меѓу верните во Тривандрум, пренесувајќи им ги поздравите и апостолскиот благослов на Неговата Светост папата Лав, „кој ме замоли да ви ги пренесам неговите срдечни поздрави“.

„Навистина е чест да се биде дел од ова свето собрание на верници во Тривандрум, место што со гордост го чува жарот на верата уште од времето на апостол Тома, и да ја предводам оваа света Жртва по повод споменот на преподобниот надбискуп Мар Иванос, човек чиј живот и мисија и денес нè вдахновуваат.“

Свет и прониклив визионер

„Овој верен слуга на Бога“, истакна надбискупот Галагер, „не беше само црковен поглавар или воспитувач, туку прониклив визионер кој го воплоти евангелскиот повик на единство, светост и служење.“

Тој подвлече дека начелото на единството било темел на неговото служење – плод на молитва, понизност и дијалог. „Вистинското единство“, нагласи, „не може да се наметне со сила, туку мора да произлегува од срцето на Евангелието, кое нè повикува да бидеме едно, како што се едно Отецот и Синот.“

„Неговиот пример нè повикува да ги надминеме разликите и да го бараме заедничкиот темел на верата во Христос.“

Посветеност на целосна едукација

Надбискупот потсети дека заложбата на Мар Иванос за образованието била уште еден носечки столб во неговото послание. „Овој апостол на единството сфатил дека образованието не смее да се сведе само на интелектуална надградба, туку треба да го преобразува човекот – морално и духовно“, рече Галагер, „градeјќи целосна личност – ум, тело, срце и душа.“

Неговата визија, додаде, била да формира вистински Христови ученици. Во тој дух, тој се залагал и за образование на жените – во време кога тоа било реткост – покажувајќи напреден ум и длабока почит кон човечкото достоинство.

Живот вкоренет во љубовта Божја

„Неговите духовни списи ја нагласуваат важноста на молитвата, светите Тајни и живот вкоренет во љубовта Божја“, истакна надбискупот.

Мар Иванос, додаде тој, „ги поттикнувал верните да развиваат личен однос со Христос, да ја живеат светоста во секојдневието и несебично да му служат на ближниот.“

Наследството – жив повик до секого од нас

Размислувајќи за животот и поуките на Мар Иванос, надбискупот упати повик: „Да не заборавиме дека неговото наследство не е само историски факт. Тоа е жив повик до секого од нас. Преку молитвата, образованието, стремежот кон единство и службата, повикани сме да ја продолжиме неговата мисија во нашиот современ контекст.“

На крајот, надбискупот се помоли: „Нека Христос, Добриот Пастир, ја излее Неговата благодат да бидеме верни ученици, храбри водачи и милосрдни слуги – градејќи Црква и свет во кои владеат единството, мирот и љубовта.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот