Папата Лав XIV ја објави својата молитвена накана за месец ноември и ги повика верниците да се молат „за правилна употреба на богатството“, потсетувајќи дека вистинското богатство се открива во она што со љубов го споделуваме со другите.
Папата Лав XIV ги повика католиците ширум светот во текот на ноември да му се придружат во молитвата за правилна употреба на богатството.
Во вторник, 2 ноември 2026 година, беше објавено месечното видео „Молете се со Папата“, подготвено од Папската светската молитвена мрежа.
Во молитвата Светиот Отец потсетува дека сè што имаме доаѓа од Господ, плодната земја, даровите што сме ги примиле и трудот на оние што живееле пред нас.
„Ништо не е само наше, сè е дар што го споделуваме“, вели Папата.
Тој предупредува дека богатството по кое човекот копнее или кое веќе го стекнал може да го стврдне срцето, да го затвори во себичност и да го оддалечи од потребите на најранливите.
Прости ни што собираме наместо да споделуваме
„Прости ни што собираме наместо да споделуваме и што ги користиме добрата како средство за моќ наместо за служење“, се моли папата Лав.
Папата потсетува на Христовото учење дека вистинското богатство се наоѓа во она што човекот го дарува со љубов.
Срцето ослободено од приврзаноста кон материјалните добра може да го преобрази светот, отворајќи патишта за правдата, уривајќи ги ѕидовите на рамнодушноста и сеејќи надеж меѓу сиромашните.
Затоа Светиот Отец го моли Господ Неговиот Дух да нè научи правилно да го користиме она што ни е доверено, парите, времето, талентите и можностите, претворајќи ги во средства за братство.
„Нека секоја економска, семејна или заедничка одлука извира од слободно срце, способно да препознае дека секое добро е наменето за сите и дека преку споделувањето ја градиме иднината“, стои во молитвата.
На крајот Папата се моли богатството да биде средство за служење и милосрдие.
„Направи нè сведоци на богатство преобразено во служење и милосрдие, за нашите животи, соединети со животите на другите, да бидат знак на Твоето Царство на правда и мир. Амин.“
Папската светската молитвена мрежа
Папската светската молитвена мрежа е основана во 1844 година како Апостолат на молитвата и денес претставува папско дело доверено на Дружбата Исусова.
Во декември 2020 година папата Фрањо ја воспостави како Ватиканска фондација, а нејзините конечни статути беа одобрени во јули 2024 година.
Мрежата е присутна во повеќе од 92 земји и обединува духовна заедница од над 22 милиони луѓе, кои настојуваат секојдневно да живеат отворени за Божјата мисија.
Во средиштето на нејзиното делување се месечните молитвени накани на Папата, преку кои верниците се повикуваат во молитвата да ги вклучат важните предизвици со кои се соочуваат човештвото и мисијата на Црквата.
Ватикан њуз/к.мк

