Папата Лав XIV ја објави својата молитвена намера за месец август и ги повика католиците да се молат „за евангелизација во градовите“, за Господ да ги придружува милионите луѓе што бараат смисла среде бучавата и брзањето на урбаниот живот.
Папата Лав XIV ги повика католиците во целиот свет во август да му се придружат во молитва за евангелизација во градовите.
Својата месечна видеопорака „Молете се со Папата“, подготвена од Папската светската молитвена мрежа, ја објави во петок 31 јули 2026 година.
Во својата молитва, папата Лав XIV Му се обраќа на „Добриот Пастир“, Кој „оди низ нашите улици и плоштади“, и Го моли да „влезе во високите згради и скромните населби“ и да ги придружува милионите луѓе што „бараат смисла среде бучавата и брзањето“.
Папата, роден во Чикаго, признава дека градовите, иако се замислени како места на „слобода и можности“, можат да станат и „простори на анонимност и изолација“.
Затоа изрази надеж дека урбаните средини можат да станат „плодна почва“ за проповедање на Евангелието.
Светиот Отец се помоли верниците да прават „едноставни дела на љубов“ и тоа да го прават заедно, како заедница што „излегува“ и се спротивставува на рамнодушноста и изолацијата преку присуство и братство.
Денес, речиси 45 проценти од светското население живее во урбани средини. Демографскиот раст доведе до голема концентрација на луѓе, создавајќи социјални и општествени предизвици, меѓу кои и осаменоста што влијае врз менталното здравје на многумина, особено на младите.
Папската светската молитвена мрежа
Основана во 1844 година како Апостолат на молитвата, Папската светската молитвена мрежа е папско дело доверено на Исусовото Друштво.
Во декември 2020 година, папата Фрањо ја основа оваа папска институција како Ватиканска фондација, а нејзините статути беа одобрени во јули 2024 година.
Мрежата е присутна во повеќе од 92 земји и формира духовна заедница од над 22 милиони луѓе, кои се стремат секој ден да го живеат со отвореност за Божјата мисија.
Во центарот на нејзината мисија се месечните молитвени накани на Папата, преку кои верниците се повикуваат да се насочат кон итните предизвици со кои се соочуваат човештвото и мисијата на Црквата.
Овој месец, Папата ги насочува погледите кон градовите: местата каде што милиони луѓе живеат блиску едни до други, а сепак често се чувствуваат сами. Токму таму, преку присуство, братство и мали дела на љубов, Евангелието може повторно да стане светлина.
Ватикан њуз/к.мк

