Папата Лав XIV во четврток 2 октомври 2025 години ги прими учесниците на Меѓународната конференција на тема „Бегалци и мигранти во нашиот заеднички дом“, што се одржа во Папскиот институт Августинјанум, и повика на дејствување во однос на повеќе од сто милиони луѓе погодени од феноменот на миграцијата. Цитирајќи го папата Фрањо, Светиот Отец повика на промовирање на „култура на помирување“ како лек за глобализацијата на немоќта, особено во земјите погодени од конфликти.
На 2 октомври, Папата ги прими учесниците на оваа меѓународна средба. На почетокот истакна дека нивното заедничко време означува почеток на тригодишен проект насочен кон создавање „акциони планови“ фокусирани на четири темелни столба: настава, истражување, служба и застапување. Овие столба се дел од истата мисија – да се обединат водечки гласови од различни области со цел да се одговори на итните предизвици што произлегуваат од растечкиот број луѓе, кои според процените надминуваат сто милиони, погодени од миграцијата и раселувањето.
Светиот Отец додаде дека се моли нивните напори да донесат нови идеи и пристапи, секогаш со цел достоинството на секоја човечка личност да биде во центарот на секое решение. Тој предложи две теми што би можеле да бидат вклучени во акционите планови: помирување и надеж.
Една од пречките при соочувањето со предизвици од таков обем е ставот на рамнодушност – и институционален и индивидуален. Папата се повика на зборовите на својот претходник за „глобализација на рамнодушноста“, кога луѓето се навикнуваат на страдањето на другите и престануваат да се стремат кон негово ублажување. Тоа води до она што Папата го нарече „глобализација на немоќта“, каде што постои ризик луѓето да останат неподвижни, тивки и обесхрабрени, со мисла дека е невозможно нешто да се промени за страдањето на невините.
Потсетувајќи дека папата Фрањо зборува за културата на средба како лек за глобализацијата на рамнодушноста, Папата Лав XIV ги повика сите да работат на соочување со глобализацијата на немоќта преку промовирање култура на помирување. Тоа бара трпение, подготвеност за слушање, способност да се сочувствува со болката на другите и препознавање на заедничките соништа и надежи.
„Ве охрабрувам да предложите конкретни начини за промовирање на гестови и политики на помирување, особено во земјите со длабоко вкоренети рани од долготрајни конфликти. Задачата е тешка, но трајните промени можат да успеат ако ги допрат срцето и умот“, истакна Светиот Отец.
Тој продолжи: „Додека се подготвуваме за прославата на Јубилејот на мигрантите и мисионерите во оваа света Јубилејна година, ве охрабрувам да истакнувате примери на надеж во заедниците на кои им служите. Така тие можат да бидат поттик и да им помогнат на другите да најдат начини за справување со сопствените искушенија. Ви посакувам плодна конференција и ве молам, просветлени од Светиот Дух, да продолжите да работите на создавање севкупни решенија за промовирање на култура на средба, помирување и братска солидарност за доброто на сите луѓе“, рече Светиот Отец на крајот од своето обраќањето.
Ватикан њуз/к.мк