Префектурата на Папскиот дом објави дека свечената света Литургија за инаугурација, со која ќе се означи почетокот на понтификатот на папата Лав XIV ќе се служи на 18 мај 2025 година од 10:00 часот на плоштадот „Свети Петар“.
Светиот Престол го објави распоредот на претстојните официјални настани на новоизбраниот Папа за наредните денови. На 10 мај 2025 година, Лав XIV ќе се сретне со кардиналите, а на 11 мај ќе ја предводи првата молитва „Царице небесна“ од ложата на ватиканската базилика.
„Средбата со верниците за време на „Царице небесна“ ќе биде првата можност за ходочесниците да добијат благослов од новоизбраниот Папа“, стои во соопштението на Префектурата на Папскиот дом.
На 12 мај 2025 година Светиот Отец ќе се сретне со претставници на медиумите, а на 16 мај ќе ги прими претставници на дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол, со што ќе ја нагласи неговата улога не само како духовен водач, туку и како шеф на Ватиканската држава.
Инаугурацијата е голем духовен момент за целата Црква.
По светата Литургија за инаугурација, на 20 мај 2025 година Папата ќе ја посети базиликата „Свети Павле“ надвор од ѕидините, а на 21 мај ќе ја одржи својата прва Генерална аудиенција. На 24 мај, ќе се сретне со претставници на Римската курија и на државата Ватикан.
Серијата официјални настани ќе продолжи на 25 мај 2025 година, кога папата Лав XIV ќе ја посети Латеранската базилика и базиликата Света Марија Велика, што традиционално го симболизира неговото преземање на службата епископ на Рим и земски поглавар на Католичката црква.
Ватикан њуз/к.мк