На 17 ноември 2025 година, во контекст на Јубилејната година, папата Лав XIV ги прими на аудиенција во Ватикан учесниците на курсот за епархиски водачи во литургискиот пасторал, организиран од Папскиот литургиски институт „Свети Анселм“. Во својот говор, тој ја нагласи централната важност на литургиската формација, потребата од обнова во парохиите и улогата на специјализираните институции во поддршката на локалните Цркви.
Поздравувајќи ги учесниците на курсот, Папата ја нагласи двојната мисија на Папскиот литургиски институт „Свети Анселм“: верност кон традицијата и верна примена на соборската литургиска реформа. Тој потсети на зборовите на Бенедикт XVI и упатствата на Вториот ватикански собор, нагласувајќи ја врската помеѓу теолошкиот дух на Sacrosanctum Concilium и современите задачи на Црквата.
Во своето обраќање, Папата го истакна и повикот на папата Фрањо во Desiderio desiderovi: литургиското знаење не треба да остане ограничено само на академските кругови, туку треба да стигне до сите верници преку достапни форми на учење. Според Лав XIV, токму тоа лежи во срцето на обновата на парохиите: разбирањето на обредите, молитвите и знаците што водат до длабоко учество во таинствата на верата.
Светиот Отец ги охрабри епархиските свештеници да ја развиваат и зајакнуваат библиската и литургиската подготовка, особено на оние кои служат за време на литургијата – востановени и постојани читатели, псалмисти и оние кои ја составуваат молитвата на верниците. Тој нагласи дека јасната дикција, способноста за пеење на псалмите и теолошката чувствителност се знаци на жива и свесна литургиска реформа.
Папата истакна дека и покрај напредокот постигнат од Соборот, црковната заедница продолжува да има потреба од постојана формација. Затоа ги повика одговорните да ги одржуваат и развиваат литургиските групи во парохиите, за кои рече дека се белег на заедница која се грижи за своето богослужение. Многу од овие групи ослабнале или исчезнале, па затоа треба да се оживеат преку нова мотивација, обука и синергија меѓу парохиските тимови и епархиските комисии.
Лав XIV, исто така, ја нагласи важноста на Часословот, како и вниманието кон народната побожност и кон пасторалните одлуки поврзани со изградбата или адаптацијата на црковните простори. Тој ги охрабри учесниците на курсот да користат креативни пасторални иницијативи и да им понудат на свештениците конкретни насоки за обука за обновување на литургиските служби во локалните заедници.
На крајот, Светиот Отец изрази надеж дека нивниот престој во Рим за време на Јубилејот ќе го зајакне не само нивното знаење, туку и нивната духовна сила. Тој ги благослови присутните и им посака обновен ентузијазам во нивната служба на Божјиот народ преку убавината и длабочината на Литургијата.
Ватикан њуз/к.мк

