Лав XIV: Свештениците да се формираат во братско заедништво, а не како „осамени водачи“

Лав XIV: Свештениците да се формираат во братско заедништво, а не како „осамени водачи“

Папата Лав XIV се сретна со организаторите на образовниот курс на Папскиот Атенеум Регина Апостолорум и со учесниците на Генералното собрание на мисионерската дружба на браќата Ксаверијани, упатувајќи им три упатства за живеење на мисионерска динамика: близина со Христос, искуство на братство и споделување на посланието со сите крстени.

Повик за радосно послание

На средбата одржана на 25 јули 2025 година во салата Клементина во Апостолската палата, Папата ги повика присутните на посветеност во сведочење на Евангелието во денешниот свет, прифаќајќи ја радоста на Добрата Вест за да се изнедрат „радосни христијани, радосни ученици, радосни мисионери“.

Мисионерскиот повик бара од сите – и од свештениците, и од верниците – цврста и севкупна формација. Таа формација не се ограничува на стекнување знаења, туку тежнее кон преобразување на целокупната човечка и духовна личност, сè додека не се сообрази со Евангелието и со чувствата на Исус Христос.

Формирање на цврста основа

Формирањето значи градење на животот врз „карпа“, било да се работи за свештенички или лаички повик. Тоа значи да се изгради основа способна да се спротивстави на бурите – и човечки, и духовни – кои се неизбежен дел од животот на секој христијанин, свештеник и мисионер. За таа цел, потребно е да се негува пријателство со Исус, да се живее ефикасно и чуствително братство, и мисијата да се споделува со сите крстени.

Пријателство со Христос

Темелот на сè е личната близина со Христос, која е во срцето на секој повик и послание. Папата истакна дека пријателството со Господ, дарувано преку благодатта, треба да се пренесува со животот и сведоштво. Оној што воспитува други за свештенички живот или проповеда во мисионерски контекст, пред сè го пренесува сопственото искуство на близина со Христос. Тоа сведоштво се изразува преку начин на живеење, стилот, човечноста, способноста за градење односи.

Постојан пат на преобраќање

Папата потсети на зборовите на папата Фрањо од Генералната аудиенција на 22 март 2023 година, дека евангелизацијата не се состои во пренесување на доктрина и морал, туку во сведоштво за лична средба со Христос, Воплотеното Слово преку кого се остварува спасението. Тоа значи пренесување на Бога Кој живее во мене. Затоа, формацијата бара постојан пат на евангелско преобраќање.

Воспитувачите, како и тие што се грижат за нив, постојано се на пат на преобразба. Мисионерите секогаш остануваат првите приматели на Евангелието. Ова бара внатрешна работа, храброст за соочување со сопствените сенки, искреност и раст во пријателството со Христос. Така, ќе бидат преобразени од животот на Евангелието и ќе станат автентични мисионерски ученици.

Четири димензии на близина

Во поглед на братството, Папата потсети на четирите близини кои ги истакнува папата Фрањо: близина со Бога, со епископот, меѓу свештениците и со верниот народ. Свештениците се повикани да живеат како браќа – едни со други, со нивните епископи, во монашките заедници. Потребна е работа на себеси за да се надмине духот на индивидуализам и натпревар, кој раѓа разделување. Неопходно е да се изградат здрави човечки и духовни односи, засновани на братска љубов.

Свештеници во заедништво со Божјиот народ

Папата повикува кон враќање на духот на првите христијани, кои природно се чувствувале како мисионерски ученици и лично се вложувале во евангелизацијата. Споделувањето на мисијата е задача на сите крстени. Лав XIV посочува дека е важно свештениците да се обучуваат да живеат ова заедништво: да не се гледаат себеси како изолирани водачи, да не се чувствуваат повикани на некаква надмоќ.

Потребни се свештеници кои ќе знаат да ја препознаат благодатта на Крштението во секоја личност и харизмите што произлегуваат од него; кои ќе помагаат тие дарови да се разбудат и да се вклучат во животот на Црквата и на општеството.

Поглед напред: формација втемелена во Божјиот народ

На крајот, Папата повика подготовката на идните свештеници да биде сè повеќе вкоренета во животот на Божјиот народ и да се одвива со активен придонес од сите негови членови – свештеници, лаици, посветени мажи и жени.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот