Лав XIV: Водачите на народите мора да го слушнат плачот на сиромашните, бидејќи нема мир без правда
На светата Литургија во базиликата „Свети Петар“ по повод Светскиот ден на сиромашните, папата Лав XIV повика на градење култура на внимание со цел да се сруши ѕидот на осаменоста што проникнува во многу материјални, морални и духовни лишувања, особено кај младите. Тој нагласи дека сиромашните не се само социолошка категорија, туку повик до сите нас да излеземе од верскиот интимизам и рамнодушност, за да може човечкиот соживот да стане простор на братство и достоинство за сите.
Папата Лав XIV во недела 16 ноември 2025 година, служеше света Литургија во базиликата „Свети Петар“ по повод 9. Светски ден на сиромашните, на која ги поздрави повеќе од 12.000 верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ со овие зборови:
Кога го читаме Евангелието, една од речениците што сите добро ја знаеме е „Блажени се сиромашните по дух: нивно е царството небесно!“. Сите сакаме да бидеме Господовите сиромашни затоа што нашиот живот е дар од Бога што го примаме со голема благодарност. Ви благодарам за вашето присуство. Базиликата стана мала… Вие сте дел од Црквата и можете да ја следите Светата Литургија на вашиот екран. Учествувајте со многу љубов и вера и знајте дека сите сме обединети во Христа.
Во животните борби и тешкотии, Бог не нè остава сами.
Потоа Светиот Отец во својата проповед на светата Литургија нагласи дека таму каде што човечките надежи како да исчезнуваат и се испитувани од трагични настани во историјата, можеме да се држиме само до цврстиот извор, а тоа е самиот Господ, кој не дозволува ни влакно да ни падне од главата – како што се вели во неделното Евангелие од Лука. Охрабрувајќи ги присутните во христијанската верао, во убедувањето дека делата на злите на штета на немоќните и сиромашните ќе бидат искоренети и дека сонцето на правдата ќе заблеска, тој поттикна да бидеме непоколебливи и вистински сведоци. Сиромашните беа првите што го видоа Исус; овој завет не може да се прекрши, туку се обновува во радост – рече Папата и додаде:
Во прогонствата, во страдањата, во животните борби и маки, Бог не нè остава сами. Тој се открива како оној што се застапува за нас. Целото Свето Писмо е проткаено со оваа вистина што зборува за Бог кој секогаш е на страната на најмалите, сиромашните, странците и вдовиците.
Култура на внимание за рушење на ѕидот на осаменоста
Римскиот епископ се осврна на раната наречена осаменост што ги проткајува различните форми на сиромаштво во современите општества, особено материјалната и духовната сиромаштија, која особено ги погодува младите. Тоа е ѕид што треба да се сруши, надминувајќи го индивидуализмот и површноста, нагласи тој, додавајќи:
Сиромаштијата мора да се гледа холистички, бидејќи понекогаш мора да се задоволат итни потреби, но генерално треба да развиеме култура на внимание за да го срушиме ѕидот на осаменоста. Затоа да бидеме внимателни кон другите, кон секого, каде и да сме и каде и да живееме, пренесувајќи го овој став во нашите семејства за да можеме потоа конкретно да го живееме на работното место и во училиштата, во различните заедници и во дигиталниот свет, насекаде – носејќи го на маргините на општеството и со тоа станувајќи сведоци на Божјата нежност.
Владите мора да го слушнат плачот на најсиромашните
Петровиот наследник, исто така, потсети на војните во многу делови од светот пред кои се чувствуваме немоќни. Сепак, глобализацијата на немоќта произлегува од лагите и од верувањето дека историјата отсекогаш се развивала на овој начин и дека не може да се промени. Евангелието, напротив, ни кажува дека Господ доаѓа да нè спаси токму во превирањата на историјата – нагласи Папата и упати апел до политичките лидери:
Сиромаштијата ги предупредува христијаните, но и сите оние кои имаат одговорни улоги во општеството. Затоа ги повикувам лидерите на државите и одговорните во народите да го слушнат крикот на најсиромашните. Не може да има мир без правда, а сиромашните нè потсетуваат на ова на многу начини: преку нивните миграции, како и преку нивните крици кои честопати се пригушени од митот за просперитет и напредок кој не ги опфаќа сите луѓе, туку заборава многу битија, оставајќи ги на нивната судбина.
Оние кои им помагаат на сиромашните нека бидат критичката совест на општеството.
Сите мора да работиме заедно – повика Римскиот епископ, истакнувајќи дека животот што се затвора во себе не помага, исто како што не помага верскиот интимизам што се претвора во рамнодушност кон другите и кон историјата. Постои народ кој ги става своите срца и раце на располагање на најранливите и отфрлените – нагласи Папата и додаде:
На оние кои се вклучени во краитативна работа, на бројните волонтери и на сите оние кои се стремат да ги подобрат условите за живот на најсиромашните, им изразувам благодарност, а воедно и охрабрување уште повеќе да бидеме критичка совест во општеството.
Општото добро е цел која мора да ги води општествата кои се повеќе се карактеризираат со длабоки нееднаквости, понекогаш засилени од бескрупулозниот технолошки развој – истакна Светиот Отец.
Учење од светците кои избраа маленкост
Папата Лав XIV повика кон сиромашните да се однесуваме на начин што ќе ги ослободи од социолошки етикети или избрзани проценки и дека ќе ги гледаме во нивното целосно достоинство. Тој изрази надеж дека ќе ги отвориме нашите срца за да изградиме човечки соживот како простор на братство во кој никој не е исклучен. Постои опасност да живееме како расеани патници, незаинтересирани за крајната дестинација и рамнодушни со оние што го делат патот со нас – истакна Светиот Отец, повикувајќи да го следиме примерот на светците кои ја направија својата грижа за сиромашните начин на живот и повик:
Во овој Јубилеј на сиромашните, да бидеме вдахновени од сведоштвото на светците кои му служеле на Христос во најсиромашните и го следеле по патот на маленкост и сиромаштво. Би сакал повторно да го истакнам ликот на свети Бенедикт Јосиф Лабре, кој преку својот живот како Божји скитник, може да биде заштитник на сите сиромашни и бездомници.
Ватикан њуз/к.мк

