Лав XIV: Вештачката интелигенција треба да биде потпора, а не пречка за развојот на децата и младите

Порака на Светиот Отец по повод Втората годишна конференција за вештачка интелигенција, етика и корпоративно управување
„Покрај нејзиниот извонреден потенцијал за доброто на човечкото семејство, брзиот напредок на вештачката интелигенција отвора и длабоки прашања за нејзината правилна употреба во насока на градење поавтентично праведно и похумано глобално општество“, напиша папата Лав XIV во својата порака до учесниците на Втората годишна конференција за вештачка интелигенција, етика и корпоративно управување, која денес, 20 јуни, завршува во Рим.
Црквата, наведува Светиот Отец, сака да придонесе за мирна и информирана расправа за овие теми, водејќи се од стремежот кон општото добро и благосостојбата на човечката личност – не само во материјална, туку и во интелектуална и духовна смисла. „Придобивките или ризиците поврзани со вештачката интелигенција“, пишува тој, „треба да се оценуваат токму според овој повисок етички критериум“.
Цитирајќи го папата Фрањо, Лав XIV подвлекува дека вештачката интелигенција отвора сериозни прашања во однос на отвореноста на човекот кон вистината и убавината, како и врз нашата неповторлива способност да ја поимаме реалноста. Особено внимание, вели тој, мора да се посвети на почитта кон човечкото достоинство и влијанието на овие технологии врз интелектуалниот и невролошкиот развој на младите, кои треба да бидат поддржани – а не попречени – на патот кон зрелоста и вистинската одговорност.
„Младите се надежта на иднината“, пишува Папата, „а благосостојбата на едно општество зависи од можноста тие да ги развијат своите од Бога дадени дарови и способности, и да одговорат на предизвиците на времето и потребите на граѓаните со слободен и великодушен дух“.
Пристапот до огромни количини податоци, предупредува Папата, не треба да се поистоветува со вистинската интелигенција, која секогаш претпоставува внатрешна отвореност кон најдлабоките прашања на животот и насоченост кон Вистината и Доброто (Antiqua et Nova, бр. 29).
Во завршната мисла од пораката, папата Лав XIV подвлекува дека „вистинската мудрост повеќе се поврзува со способноста за откривање на смислата на животот отколку со едноставното поседување податоци“. Тој изразува надеж дека „размислувањата ќе ја стават вештачката интелигенција во контекст на неопходното меѓугенерациско учење, кое ќе им помогне на младите да ја интегрираат вистината во својот морален и духовен живот, водејќи ги кон зрели одлуки и кон патот на познавање на вистинската мудрост“.
Ватикан њуз/к.мк