Папата Лав XIV претседаваше со Редовниот јавен конзисториум за гласање за канонизација, на кој беше дадено официјално одобрување за канонизацијата на осум блажени, при што беше одреден и датумот на нивното прогласување за светци.
Во петокот наутро, 13 јуни 2025 година папата Лав XIV го одржа првиот Редовен јавен конзисториум од својот понтификат, на кој кардиналите дадоа формално одобрување за канонизацијата на осум блажени личности.
За време на свеченоста, Светиот Отец објави дека блажените Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис ќе бидат заедно канонизирани на 7 септември.
Канонизацијата на овие двајца млади светци – едниот од почетокот на дваесеттиот век, а другиот првиот светец од дваесет и првиот век – долго време беше очекувана поради големата побожност која верниците ја покажуваат кон нив.
Најава од папата Фрањо
Покојниот Папа лично ја најави канонизацијата на блажените Пјер Џорџо и Карло Акутис на Геенралната аудиенција одржана на 20 ноември 2024 година, при што најавата беше дочекана со громогласен аплауз од насобраните верници на плоштадот Свети Петар.
Канонизацијата на Акутис, кој беше прогласен за блажен во Асизи на 10 октомври 2020 година, првично беше закажана за 27 април, Втората недела по Велигден, во рамките на Јубилејот на тинејџерите; додека канонизацијата на Фрасати беше одредена за 3 август, како кулминација на Јубилејот на младите. Одложувањето на канонизацијата на блажениот Карло беше објавено на денот на смртта на папата Фрањо, 21 април, и многумина претпоставуваа дека и канонизацијата на блажениот Пјер Џорџо ќе биде одложена.
Сомнежите околу времето на канонизациите беа конечно разрешени со денешната најава на папата Лав, кој направи значаен избор прогласувајќи за светци двајца млади луѓе од различни епохи и сосема различни животни патишта, но кои се обединети во љубовта кон Христос и во способноста да ја пренесат таа љубов на сите кои ги сретнале.
Седум блажени ќе бидат канонизирани во октомври
За време на конзисториумот, папата Лав го одреди и датумот за канонизација на уште седум блажени, меѓу кои и ерменски католички архиепископ, маченикот Игнатиј Шукрлала Малојан, кој го загуби животот во 1915 година за време на ерменскиот геноцид во Османлиската Империја; како и Петар То Рот, мирјанин катехист, кој беше маченички убиен во 1945 година затоа што не ја напуштил својата апостолска служба и покрај забраната наметната од страна на јапонските окупатори. Блажениот Петар ќе биде првиот канонизиран светец од Папуа Нова Гвинеја.
Меѓу светците кои ќе бидат канонизирани во октомври се и три жени монахињи: Винченца Марија Поло̀ни, основачка на Институтот на Сестрите на милосрдието од Верона; Марија дел Монте Кармело Рендилес (родена како Кармен Елена Рендилес Мартинез) од Венецуела, основачка на Конгрегацијата на Слугинките на Исус; и Марија Тронкати, монахиња од Дружбата на Ќерките на Марија – Помошничка на христијаните.
На крајот, двајца мирјани исто така ќе бидат вброени меѓу светците: Бартоло Лонго, основач на прочуеното маријанско светилиште во Помпеја; и Хосе Грегорио Ернандез Сиснерос, венецуелски лекар и член на Световниот фрањевски ред, познат како „лекар на сиромашните“ бидејќи ги лекувал најпотребните и дури сам ги покривал нивните трошоци за лекови.
Ватикан њуз/к.мк