Кардинал Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, го отвори третото пленарно собрание на Дикастеријата, кое се одржува оваа недела во Рим, со повик локалните Цркви да им помогнат на мирјаните со основна формација и со надеж дека светските средби ќе бидат „автентични искуства на средба со Исус“.
Во средата, кардинал Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, го отвори третото пленарно собрание на Дикастеријата, кое се одржува од 4 до 6 февруари во Генералната курија на Исусовците во Рим. Тој нагласи дека постои голема потреба од „основна формација“ во христијанскиот живот кај мирјаните, со цел да се одговори на „загрижувачкото зголемување на бројот на луѓе кои воопшто не го познаваат Исус Христос“.
Конкретно, тој повика на „формација на срцето“, која го опфаќа потполниот живот. Според него, во коренот на христијанскиот живот стои средбата со личноста на Исус Христос, која најнапред го преобразува срцето, потоа начинот на размислување, а на крајот го преобразува и секојдневното однесување и целиот живот.
Евангелизација и катехеза
Кардинал Фарел истакна дека решението за предизвиците со кои се соочува Црквата не се состои во промена на структурите или во менување на принципите на католичката доктрина или моралот. Таквите промени, рече тој, нема да „ги вратат луѓето на света Литургија“, нема да го зголемат бројот на звања и нема да ги вратат младите во Црквата.
Тој нагласи дека секоја локална Црква, секоја бискупија и секоја парохија треба постојано да нуди „патишта на евангелизација, катехеза, првично навестување на верата, христијанска иницијација, формација во верата и придружување во духовниот раст“.
Кардиналот потсети дека папата Лав, во Апостолското писмо „Цртање нови мапи на надежта“, потврдува дека христијанската формација треба да ја опфати „целата личност: духовната, интелектуалната, емоционалната, социјалната и физичката“. Тој охрабри жива, керигматска катехеза, вовед во светотаинскиот живот, литургиски славења, молитвен живот, преиспитување на животот во светлина на Светото Писмо, дијалог, искуства на братство, служење, милосрдие и мисионерска дејност.
Клучен елемент на оваа формација, според него, е заедничката соработка на сите црковни чинители: пастири, мирјани, семејства, самци, посветени лица, мирјански здруженија и движења, младински групи, парохиски структури и програми, па дури и онлајн формација и „веб-апостоли“.
Формација на семејства и брачни парови
Кардинал Фарел истакна и посебна потреба од христијанска формација и придружување на семејствата и сопружниците. Тој објасни дека од разговорите со бискупите за време на посетите ad limina, како и од други соговорници на Дикастеријата, произлегла голема потреба семејствата да добијат можности за формација во брачната духовност, брачниот живот, семејната молитва и пренесување на верата на децата.
Во тој контекст, кардиналот охрабри формацијата првенствено да ја водат брачни парови кои, со сведоштвото на сопствениот живот, можат да ги водат, просветлуваат и поддржуваат другите сопружници, особено помладите парови и оние кои минуваат низ кризни моменти.
Тој ја повика Црквата да моли „да се појават нови светци, чиј жар и креативност ќе ѝ помогнат на Црквата да приближи многу луѓе до верата“, како и да се поттикне „обновен поттик за евангелизација и катехеза“.
Цели на формацијата
Сумирајќи ги целите на формацијата на Дикастеријата, кардинал Фарел рече дека во многу црковни средини верата не се раѓа кај луѓето, туку често се зема здраво за готово. Затоа христијанската формација треба да ја раѓа верата и да ги води луѓето во „жив однос со Бога и со Христос“, поттикнувајќи зрел христијански живот во Црквата.
Тој ја нагласи потребата Бискупските конференции реално да се посветат на формацијата и да утврдат основни критериуми, според кои ќе се развијат насоки за христијанска формација што локалните Цркви ќе можат да ги применуваат во своите пасторални околности.
Светски средби
Во врска со светските средби што ги организира Дикастеријата, меѓу кои Светскиот ден на млади, Светската средба на семејства и Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица, кардинал Фарел рече дека треба да се земат предвид големите промени во светот. Тој ги наведе „културната и економската глобализација, зголемената социјална мобилност и интеркултурност, растечката верска рамнодушност и обновената потрага по духовност кај помладите генерации“.
Соочен со овие предизвици, Папата повикува на пасторална креативност и нови пристапи, изразувајќи надеж дека средбите „можат да бидат поефикасни во евангелски дух, да ги допрат срцата на луѓето, да пренесат благодат и да имаат трајно влијание врз нивните животи“, станувајќи „автентични искуства на средба со Исус Христос“.
Активностите на Дикастеријата
Во своето обраќање, кардинал Фарел направи преглед и на работата на Дикастеријата од нејзиното основање во 2016 година. Во областа на здруженијата и движењата, биле одржани осум годишни средби на модератори, со тековно придружување преку состаноци, ревизија на статути и иницијативи за формација.
Во полето Семејство и живот, се одржале две Светски средби на семејствата: во Даблин во 2018 и во Рим во 2022 година. Во 2022 година Дикастеријата ги објавила „Катехуменалните патеки за брачен живот“, со цел да се воведе подготовка за брак и придружување во првите години од брачниот живот.
Во пасторалот за животот, тој потсети на работата на бројни Бискупски конференции кои го користеле материјалот „Животот секогаш е добро“.
Во младинскиот пасторал, Светскиот ден на младите бил одбележан во Панама во 2019 и во Лисабон во 2023 година, а во тек се подготовките за Сеул во 2027 година. Во пасторалот за старите лица, биле одржани два меѓународни конгреси, во 2020 и во 2025 година.
Ватикан њуз/к.мк
https://www.vaticannews.va/en/vatican-city/news/2026-02/cardinal-farrell-lay-people-must-be-offered-basic-formation-wit.html

