„Посветени, урамнотежени, образовани и одговорни“ – тоа се некои од карактеристиките што, според халдејскиот патријарх од Багдад, кардинал Луис Рафаел Сако, треба да го одликуваат секој свештеник и епископ.
Во кратка белешка објавена од Халдејскиот патријарх, кардинал Сако, повикувајќи се на своето 51-годишно искуство во служба на Црквата, потсетува дека овие две служби треба „да бидат свесни во што веруваат, да се молат, и да не се ограничуваат само на извршување на ритуали и литургии“. Напротив, тие се повикани „да го пренесат Христовото евангелие на парохијата и на верниците – со ентузијазам, визија и пасторално планирање – соработувајќи со презвитерскиот и Пасторалниот совет, стоејќи на страната на сиромашните и страдалниците. Да служат, а не да бараат да им се служи, и – како добар татко – да ги воспитуваат, штитат и водат своите духовни чеда со топлина и мудрост.“
Кардинал Сако повторува: „Свештенството не е привилегија, туку послание и служба.“ Епископите и свештениците, вели тој, се повикани „да обединуваат, а не да разединуваат, да приближуваат, а не да исклучуваат, да не прават компромиси што создаваат забуни.“
Тие исто така треба „да бидат транспарентни во управувањето со материјалните средства, да имаат пророчки глас против неправдата и корупцијата, служејќи на помирувањето и мирот, и носејќи надеж.“
Како последен, но суштински аспект, кардиналот Сако ја истакнува послушноста: „Свештениците и епископите се обврзуваат на послушност на денот на нивното ракополагање. Тоа не е слепа послушност, туку синовска – свештеникот кон својот епископ, епископот кон својот патријарх, патријархот кон Папата. Сите се повикани да бидат во заедништво со Црквата“, завршува патријархот.
Ватикан њуз/к.мк