Светиот Престол „нема да учествува во Одборот за мир поради својата посебна природа, која очигледно не е иста како онаа на другите држави“, изјави ватиканскиот државен секретар, кардинал Пјетро Паролин, на маргините на билатералната средба во Рим со италијанската Влада, одржана во Палацо Боромео, седиште на Амбасадата на Италија при Светиот Престол, по повод годишнината од потпишувањето на Латеранските договори.
На средбата присуствуваше и претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Важно е да се даде одговор
Одговарајќи на прашања од новинарите за учеството на Италија како набљудувач во Одборот за мир, кардинал Паролин посочи дека „постојат точки што нè оставаат донекаде збунети. Има некои критични точки за би требало да се разјаснат“.
„Важно е“, додаде кардиналот, „што се прави обид да се најде одговор. Сепак, за нас постојат одредени критични прашања што треба да се решат“.
„Една загриженост“, објасни државниот секретар, „е тоа што на меѓународно ниво, пред сè, ОН треба да управува со ваквите кризни ситуации. Тоа е една од точките на кои инсистиравме“.
Песимизам во врска со Украина
Ватиканскиот државен секретар изрази загриженост и за војната во Украина, неколку дена пред четвртата годишнина од избувнувањето на конфликтот. Оваа годишнина е придружена и со тешки бомбардирања врз енергетската инфраструктура во Киев и во други градови.
„Во однос на Украина“, според кардиналот, „постои значителен песимизам. Од двете страни не ни изгледа дека има вистински напредок во однос на мирот, и трагично е што по четири години сè уште се наоѓаме на оваа точка… Се надева дека овие дијалози можат да донесат одреден напредок, но изгледа дека нема многу надеж, ниту големи очекувања“.
Благодарност до Италија за вниманието кон прашања блиски до срцето на Црквата
Кардинал Паролин зборуваше и за добрите односи со Владата во Рим.
Тој нагласи дека за време на билатералната средба „пред сè беше изразена благодарност“ од страна на Светиот Престол за вниманието што Владата го посветила на многу прашања што се блиски до срцето на Црквата“.
Меѓу темите, кардиналот ги наведе „оние од социјална природа, прашања како мерки и одредби за семејството, прашањето на образованието, прашањето на лицата со попреченост, прашањето на затворите. Прашања за кои постојат работни групи што подиректно ја засегаат ЦЕИ [Италијанската бискупска конференција] и за кои е постигнат напредок“.
Ватикан њуз/к.мк

