„Како се движат децата“: Децата од Газа и нивната порака за мир

„Како се движат децата“: Децата од Газа и нивната порака за мир

Изложба во Рим ја раскажува приказната за војната во Газа низ очите на децата, преку избор на фотографии, поезија и видеоинсталации. Станува збор за впечатливо патување низ ранливоста, сеќавањето и копнежот по иднина.

Постојат места каде што детството не се одвива едноставно, туку трае. Во Газа, меѓу урнатините и очекувањата ставени во мирување, децата продолжуваат да замислуваат можна иднина, распнати меѓу нормалноста и траумата.

Таа напнатост е силно претставена во изложбата „Како се движат децата“, која се одржува во Палацо Мерулана во Рим, од 14 мај до 28 јуни 2026 година. Куратори на изложбата се Лорис Лаи и Жозеф Лефевр, а продукцијата е на „B-Roll Production“ и „Ramon Pictures“.

Тука, погледот на децата од Газа станува сведоштво и сеќавање, но и апел да бидат слушнати. Поддржана од Дикастеријата за комуникации и Дикастеријата за култура и образование, со „Vatican News“ и „Vatican Radio“ како медиумски партнери, изложбата има цел да им ги врати достоинството и имагинацијата на децата што растат во услови на конфликт кој продолжува да го преобликува секојдневниот живот.

Како што потсети Лорис Лаи: „Зборуваме за Газа, но пораката е универзална. Децата се насекаде.“

Градење мостови

„Секоја војна е војна против децата“: ова е принципот по кој се води УНИЦЕФ и „Save the Children“, кои ја поддржаа реализацијата на изложбата.

Двете хуманитарни организации истакнуваат дека нивната поддршка произлегува од желбата „Како се движат децата“ да биде претставена како средство за подигање на свеста за состојбата на децата во Газа, но и како простор што може да гради мостови преку универзална порака за мир, слушање и хуманост.

Како што забележаа Андреа Јакомини, портпаролка на УНИЦЕФ, и Елена Џентили, портпаролка на „Save the Children“, децата премногу често стануваат жртви на реалности што самите никогаш не ги избрале.

Низ очите на децата

Проектот се развива врз основа на фотографското дело на Мелиса Мекларен, создадено за време на снимањето на филмот „Како се движат децата“ од Лорис Лаи од 2024 година, сместен во Појасот Газа за време на Втората интифада.

Нејзините фотографии го прикажуваат секојдневниот живот на децата од Газа, избегнувајќи спектакуларизација на страдањето. Од нив се издигнува силата на животот во кревок контекст.

Пред очите на посетителите се отвора мозаик од несигурна нормалност. Тој е проткаен со порака на надеж што ја споделуваат и филмот и изложбата: способноста на децата да продолжат да ја замислуваат иднината, дури и кога самата иднина изгледа доведена во прашање.

„Од самиот почеток сакавме да избегнеме реторика и сентименталност. Сакавме да ја прикажеме реалноста“, изјави режисерот за Ватиканските медиуми. „Ова е вистината за децата: како се однесуваат едни кон други, какви се нивните соништа и како понекогаш ги потиснуваат своите емоции, бидејќи мора да се соочат со реалност многу поголема од нив самите.“

Така, детството станува леќа низ која се толкува сегашноста.

Човечкото достоинство во центарот

Поставката на изложбата ја засилува оваа емоционална напнатост, преобразувајќи ја централната сала во впечатлив простор.

Шест светлосни кутии формираат визуелен коридор што постепено ги води посетителите низ искуството. Фотографиите, прикажани во различни формати, се движат меѓу силно влијание и интимност, создавајќи постојан дијалог меѓу личното искуство и колективната димензија.

Сè придонесува за создавање средина во која човечкото достоинство е во центарот на вниманието.

Множество гласови

Покрај фотографиите, изложбата вклучува и песни напишани од деца во Газа од 7 октомври до денес, кои создаваат втор наративен глас: директен, кревок и непосреден. Зборовите не ги објаснуваат фотографиите, туку ги придружуваат и ги засилуваат, создавајќи полифонија што отвора нови простори на сеќавање, страв и копнеж.

Дополнително, поставката ги вклучува и фотографиите на Махмуд Ел Шава, соработник на филмот, кој ја документира реалноста во Газа од почетокот на конфликтот до денес. Неговите фотографии дополнително ја збогатуваат визуелната нарација на изложбата.

Централна улога има и аудиовизуелната димензија. Соништата од филмот, проектирани на четири екрани, го прекинуваат и продлабочуваат фотографското патување, изнесувајќи ги на површина детските стравови, имагинацијата и желбите. Дискретниот, но постојан звучен пејзаж, уреден од Маурицио Касела, ги придружува посетителите и создава единствено сетилно искуство.

Уметноста како симболичен израз

Проектот го заокружуваат сликите на Симоне Лењо, позната и како Токидоки, инспирирани од филмот и придружени со видеоперформанс на кој е прикажана уметницата додека работи.

Нејзиниот придонес внесува посимболичен и стилизиран визуелен јазик, кој ја засилува емоционалната сила на изложбата.

Простор за слушање

Изложбата претставува повеќе од поставка на фотографии. Таа создава простор што, во брехтовска смисла, го буди вниманието и повикува на слушање.

„Многу е тешко човек да остане одвоен кога реалноста е поставена пред неговите очи“, објаснува Лорис Лаи, „особено кога таа реалност е во очите на дете, очи што ве гледаат и ви го пренесуваат, дури и несвесно, сето она што го носат во себе. Стоите пред живи суштества, пред деца што немаат избор.“

„Како се движат децата“ ја прикажува состојбата на децата, а истовремено го преиспитува начинот на кој ја гледаме таа состојба, преку призмата на детството.

Едно прашање ги придружува посетителите сè до моментот кога ќе заминат: што значи да се расте кога иднината постојано се доведува во прашање?

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот