Исус оди по вода

Исус оди по вода

Размислување за Девета Недела по Педесетница, според Евангелието од Матеј 14,22-34

„Не бојте се! Јас сум, не плашете се!” (Матеј 14,27) Токму овие евангелски зборови ги слушаме во деветтата недела по Педесетница. Откако Христос го направи чудото со умножување на лебовите, ги присили своите ученици да влезат во коработ и да преминат на другата страна од Галилејското Море. Зошто Исус ги принуди? Исус знаел дека таа вечер ќе има голема бура. Затоа свесно ги испраќа апостолите во опасност и тој оди на планина да се моли. Како да ги остави … Брановите го фрлаат коработ, темна ноќ наоколу – мрак, страв и очај.

Колку често во животот има бури, има неочекувани тешкотии! Тогаш ни изгледа дека Бог нѐ напуштил, дека нема спас, се давиме … А Господ во истото тоа време е во осама на гората и се моли за светот и за оние што се борат со брановите долу.

Кога ни е тешко, Исус стои над нас, не само што се моли, туку се спушта и доаѓа низ бурите на животот со раширени раце за да нѐ спаси, со мирен глас, кој ни довикува да нѐ се плашиме. Христос нѐ учи да ги надминеме тешкотиите и да не го забораваме постојаното присуство на Бога во нашите животи.

Апостолите биле изненадени кога го виделе Господ како оди кон нив по водата. Петар посакал да се приближи до Христа, да го имитира со тоа што ќе оди по вода. Господ го охрабрува: „Дојди!“ Ако сакаме да го живееме евангелието, дефинитивно ќе го слушнеме гласот на Христос: „Дојди!“ Но, ако почнеме да се сомневаме, тогаш сѐ ќе ни се лизне од под нозе, како на Петар и ќе се удавиме. „Господи, спаси ме, јас умирам, умирам духовно, немоќен сум, ја губам верата“ – колку е важно повторно да ги свртиме очите кон Христа, Кој постојано е присутен кај нас.

Секој од нас, ако навистина гледаме свесно во својот живот, постојано ќе го гледаме чудото на Божјото присуство, кога нашата душа, скршена и згмечена, ќе се издигне од дното. Тој е повеќе од човек што оди по вода.

Архистратиг/к.мк

Категорија: Проповеди

За авторот