Истражувањето на космосот нè исполнува со восхит, им порача Папата на научниците

Истражувањето на космосот нè исполнува со восхит, им порача Папата на научниците

Папата Лав XIV ги прими учесниците на Летната школа на Ватиканската опсерваторија, повикувајќи ги да ја споделат радоста што ја доживуваат во истражувањето на космосот и да придонесат за поправеден и помирен свет преку стремежот за знаење.

Долго откако човечките автори на Светото Писмо, со својата поетска и религиозна фантазија, размислувале за моментот на создавањето, во понеделник 16 јуни 2025 година, Папата Лав XIV рече дека современите научници продолжуваат да го истражуваат универзумот со нови алатки, меѓу кои и Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), чии слики „нè исполнуваат со восхит, па дури и со таинствена радост“ додека ја созерцуваме „возвишената убавина“ на ѕвездите.

Светиот Отец го упати својот говор до учесниците на Летната школа на Ватиканската опсерваторија, која оваа година е посветена на темата: „Истражување на универзумот со Вселенскиот телескоп Џејмс Веб“.

Возбудливо време за астрономите

„Навистина, ова мора да е возбудливо време да се биде астроном“, рече Папата, нагласувајќи дека „навистина извонредниот“ телескоп Џејмс Веб ни овозможува да ја истражуваме атмосферата на егзопланети, маглините во кои се формираат планетарни системи, па дури и „древната светлина на далечните галаксии, која сведочи за самиот почеток на нашиот универзум.“

Тој изрази благодарност до научниот тим поврзан со телескопот за тоа што овозможуваат голем дел од сликите да бидат достапни за јавноста, при што подвлече дека знаењата и обуката што учесниците на Летната школа ќе ги стекнат ќе им помогнат во користењето на „ова неверојатно средство“.

За доброто на сите

Во продолжение, Папата Лав истакна дека студентите и научниците се дел од една поширока заедница која ги опфаќа и другите научници, инженери и математичари, поддржани од своите семејства и пријатели – луѓе кои им овозможуваат да бидат дел од „ова прекрасно дело“.

Тој потсети дека нивната работа „е наменета за доброто на сите нас“ и ги повика: „Бидете великодушни во споделувањето на она што го учите и доживувате.“

Придонес за поправеден и помирен свет

„Не двоумете се,“ продолжи тој, „да ја споделите радоста и восхитот што се раѓаат од вашето созерцание на ‘семињата’ што, според зборовите на свети Августин, Бог ги посеал во хармонијата на универзумот.“

Папата Лав XIV го заврши своето обраќање со следниве зборови: „Колку повеќе радост споделувате, толку повеќе радост создавате – и на тој начин, преку стремежот кон знаење, секој од вас може да придонесе за градење на поправеден и помирен свет.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот