Епископот Стојанов учествува на Пленарното собрание на епископите од Источните католички цркви во Европа

Епископот Стојанов учествува на Пленарното собрание на епископите од Источните католички цркви во Европа

Во Градското собрание на Виена, во понеделник 8 септември 2025 година, се одржа свечен прием за учесниците на Пленарно собрание на епископите од Источните католички цркви во Европа, меѓу кои е и Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов.

Пленарното собрание на епископите започна во понеделник и ќе трае до четврток. Состанокот се одржува на покана на кардиналот Кристоф Шенборн, на тема „Единство во различноста“, со акцент на внатрешно-црковни и општествено-политички прашања. Покрај епископот Стојанов, на поканата одговорија голем број црковни великодостојници: големиот архиепископ Свјатослав Шевчук, поглавар на Источно-католичката црква во Украина, надбискупот Фулоп Кочис, поглавар на Источно-католичката црква-во Унгарија, митрополитот Јонас Јозеф Максим, поглавар на Источно-католичка црква во Словачка, Крижевскиот епископ Милан Стипиќ, префектот на Дикастеријата за Источни цркви, кардиналот Клаудио Гуџероти, како и надбискупот Гинтарас Грусас, претседател на Советот на европските бискупски конференции (CCEE).

Во име на присутните епископи, Грусас му се заблагодари на градоначалникот за гостопримството и ги пофали добрите односи меѓу црквата и државата во Австрија. Иако јасно разграничени, тие соработуваат во дух на доверба.

Околу 65 епископи од различни источно-католички цркви, како и многубројни други црковни и општествени лидери, учествуваат на оваа конференција што се одржува под покровителство на CCEE.

На приемот му претходеше свечена византиска вечерна богослужба во источно-католичката парохија „Св. Варвара“ во Првиот округ. На богослужбата се обратија кардиналот Гуџероти и апостолскиот нунциј во Австрија, надбискупот Педро Лопез Кинтана. Присуствуваа и апостолскиот администратор на Виена, Јозеф Гринвидл, бискупскиот викар Дариус Шуцки и помошниот бискуп Франц Шарл.

Виена е избрана за домаќин и поради историската поврзаност со Источните цркви: пред точно 250 години, царицата Марија Тереза ја основала семинаријата „Барбареум“ за богослови од источните католички традиции, кој бил сместен токму во просториите на „Св. Варвара“. Многу свештеници, кои подоцна станале епископи, потекнуваат токму од оваа семинарија, носејќи со себе искуство на „единство во различноста“ во своите локални цркви.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот