Во петок 4 октомври 2024 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов до свештенството на Струмичко-скопска епархија и Скопска бискупија упати повик за пост и молитва за мир во светот, со кој Црквата во Македонија се придружува на повикот на Петровиот наследник, папата Фрањо, кога на 7 октомври на литургискиот празник Блажена Дева Марија од Бројаницата, 7 октомври 2024 година целата Црква еднодушно ќе упати молитви за мир во светот.
Епископот Стојанов во неговиот повик истакнува дека сме свесни за страдањата и уништувањата од војните кои се водат во светот, посебно на невините, како и на опасноста за ескалација со непоправливи последици, но истовремено потсетува и на неговото послание во Годината на молитва, во која ја истакнува свесноста за силата на молитвата, во кое пишува: Во Дела на светите Апостоли читаме како апостолите, со Марија, Мајката Исусова и други жени, веднаш по Христовото Вознесение се вратија во горната одаја и таму сите еднодушно беа постојано во молитва (сп. Дела 1,14). Заедничката молитва има голема сила кога верниците се еднодушни и постојани и молат со голема вера и љубов кон Бога и кога молитвата е упатена за иста накана и кога се моли заедно за иста благодат.“
Во својот повик за пост и молитва епископот Стојанов на свештениците и парохиските заедници препорачува да се организираат молитвени настани во парохиските цркви во понеделник 7 октомври 2024 година, на начин кој најмногу одговара за парохијата.
За време на светата Литургија, во среда 2 октомври 2024 година, која папата Фрањо ја служеше на плоштадот Свети Петар во Ватикан, а по повод отворањето на Второто заседание на 16. редовна епископска синода, повика на молитва и пост за мир во светот, на литургискиот празник Блажена Дева Марија од Бројаницата.
к.мк