Во црквата на Бит-пазар бискупот Стојанов служеше света Литургија и молеше за починатите и повредените од Кочани
На празникот Свети Јосиф, 19 март 2025 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во црквата Свети Јосиф на Бит-пазар. Со епископот сослужуваа патер Винко Маслаќ, катедрален парох, отец Марјан Ристов, бискупски канцелар и патер Томислав Рукавина, катедрален капелан. На светата Литургија присуствуваа сестрите Усмиленки и сестрите Евхаристинки, како и верници од Скопје и околината.
Во проповедта, бискупот Стојанов, зборуваше за понизниот живот на свети Јосиф, неговата послушност во исполнувањето на Божјата волја и грижата кон светото семејство, а присутните ги повика да продолжат да молат за починатите, повредените и семејствата од трагедијата во Кочани.
На крајот од светата Литургија во заедништво со присутниот верен народ епископот Стојанов ги предводеше молитвите за починатите од трагедијата во Кочани, за здравје на повредените, за утеха на семејствата и за здравје на папата Фрањо.
к.мк