Во сабота 25 јануари 2025 година, на празникот Преобраќање на свети апостол Павле и последниот ден од Молитвената осмина за единство на христијаните, Н.В.П. монсињор Киро Стојанов служеше света Литургија во капелата „Света Мајка Тереза“ во Спомен куќата во Скопје, на која сослужуваа патер Винко Маслаќ – катедрален парох и протојереј ставрофор отец Марјан Ристов – бискупски канцелар. На свеченоста покрај чесните сестри на Мајка Тереза, сестрите Евхаристинки, и Сестрите Усмиленки, присуствува и голем број верници, како католици, така и православни, а во рамки на завршетокот на Молитвената осмина за единство на христијаните.
Зборувајќи за Свети Павле тој го истакна како застапник за единство на христијаните и праша: Што можеме ние луѓето да направиме за единство на христијаните? При тоа давајќи одговор дека најпрво можеме да се доближиме до Христос, а со тоа и дека можеме да зборуваме за Него и на другите и додаде дека има потешкотии кога се работи за единство на христијаните и токму затоа се молиме денес на Господа, да Го сретнеме како свети Павле, да се исполниме и ние со Евангелието, со Неговата љубов и нема да можеме да се воздржиме од зборување и сведочење, како што тоа го правеше нашата Светица – Света Мајка Тереза.
Секоја година од 18-25 јануари во Црквата молитвено се одбележува Молитвената осмина за единство на христијаните во светот, а Црквата во Македонија е дел од тој светски молитвен настан.
к.мк