Група на брачни парови од парохијата свети Пророк Илија – Радово во посета на парохијата Свето Благовештение – Штип
Во рамките на активностите кои ги реализира групата на брачни парови од парохијата „Свети Пророк Илија” – Радово, на 23 ноември 2025 година, беше посетена парохијата „Свето Благовештение” – Штип, предводени од парохот отец Илија Стојанов и капеланот отец Атанас Сирачев.
Групата на брачни парови најпрво присуствуваше на светата Литургија, која ја предводеше и на која проповедаше отец Тони Ангелов, парох во Штип, а сослужуваа отец Стојанов и отец Сирачев. Во проповедта тој зборуваше за празникот Христос Цар, кој според Грегоријанскиот календар се слави во последната литургиска недела, а воедно сподели и размислувања за бракот, брачниот живот и нашиот однос со Исус Христос.
По завршувањето на светата Литургија, програмата продолжи со презентација на која беше претставена работата по групи, која се реализираше една седмица претходно. Поделени во неколку групи, брачните парови имаа средби во домовите, споделувајќи лични искуства, како и барање одговори на прашањата: Што можеме како родители да направиме за да градиме христијански карактер кај децата? Како љубовта да се претвори во конкретни дела во семејниот живот? Насоките по кои работеа групите беа дадени од парохот отец Илија Стојанов, а од презентацијата на работата по групи произлегоа интересни размислувања, при што можеа да се слушнат различни искуства по прашањето за градењето на христијанскиот карактер на детето.
Средбата на брачните парови во Штип заврши со заедничко агапе, а следната средба е закажана за петок, 28 ноември 2025 година во парохиската сала во Радово, на која се добредојдени сите брачни парови од парохијата.
к.мк

